Германскиот производител на премиум спортски автомобили се подготвува за атак на некои необични сегменти

Porsche развива верзии на Panamera со две врати – купе и кабриолет, за да може на купувачите да им понуди конкурент на „осмицата“ од BMW и Aston Martin Vantage, пишува автомагазинот Autocar.

Информацијата не е негирана од првите луѓе на Porsche, а премиерата на новите модели треба да се случи на почетокот од следната година.

„Од дизајнерска гледна точка, нема ограничувања при создавањето на слична верзија на моделот“, објаснува Михаел Мауер, главниот дизајнер на Porsche, кој е креатор на ликот на Panamera. „Верувам дека треба да имаме претстава, па дури и неколку опции за секој модел пред компанијата да одлучи дали одреден проект треба да влезе во производство. Но, тоа не е моја работа да потврдам или да коментирам дали Porsche развива Panamera со две врати“.

Според германските медиуми, проектот е во напредна фаза, а купе верзијата ќе  користи скратена верзија на MSB платформата на која е изградена лимузината.

Веќе се појавија и шпекулации дека новиот модел може воопшто и да не се вика Panamera, за да биде позициониран како поспортска верзија помеѓу Panamera и 911, комбинирајќи практичност и спортско преставување од секој од нив.

Погонот се очекува да биде идентичен со оној на Panamera, а ќе има и plug-in хибридна варијанта – така се намалуваат штетните емисии на гамата на Porsche.