Porsche ќе ги понуди своите акции на берза
Управниот и Надзорниот одбор на групацијата Volkswagen официјално објавиja дека нивната подружница Porsche AG ќе ги пласира своите акции на берзата во Франкфурт. Пазарната вредност на компанијата ќе биде од 60 до 85 милијарди евра
Наскоро и приватни инвеститори би можеле да станат акционери на еден од најпознатите европски брендови за спортски автомобили, Porsche. По неколкумесечна подготовка, управниот и надзорниот одбор на групацијата Volkswagen оваа недела официјално одлучиле дека Porsche AG ќе го започне процесот на иницијална јавна понуда на акции (IPO) на берзата во Франкфурт.
Акциите треба да се појават во слободна трговија пред крајот на годината, во зависност од различните регулаторни одобренија и други процеси. Компанијата треба да понуди акции на заинтересираните инвеститори во период од четири или повеќе недели, почнувајќи од крајот на септември или почетокот на октомври, по што тие би пристигнале во редовната понуда на Франкфуртската берза. Овој процес ќе се иницира само доколку се покаже дека инвеститорите имаат доволен интерес, односно доколку се собере планираниот капитал.
Аналитичарите очекуваат дека цената на акцијата на Porsche ќе биде поставена така што пазарната вредност на компанијата ќе биде меѓу 60 и 85 милијарди евра. Доколку се потврдат овие очекувања, IPO на Porsche ќе биде најголемата почетна јавна понуда на акции во германската историја, како и најголемата европска IPO од 1999 година. Веќе е познато дека Катар преку својот национален инвестициски фонд би можел да купи околу 5% од акциите, а тие ќе им бидат понудени на малите инвеститори – пред се на пазарите во Франција, Шпанија и Италија, каде што Porsche има многу добар статус меѓу фанови и клиенти.
Капиталот собран преку ИПО треба да се искористи за голема иницијатива за електрификација на гамата на Porsche. Некои аналитичари се скептични за целиот процес, пред се затоа што се лансира во време на криза, кога акциите на другите автомобилски компании губат na вредност, а продажбата на автомобили опаѓа.