Porsche и Red Bull се блиску до договор за партнерство во Formula 1 од 2026 година
Porsche и Red Bull се во напредна фаза на преговори за партнерство кое би можело да биде финализирано веќе во март
Групацијата Volkswagen веќе некое време размислува да влезе во „најбрзиот циркус на светот“, кога на сцената во 2026 година на сцена ќе стапат новите погонски единици. Официјални лица од Porsche и Audi имаат активна улога на состаноците на оваа тема.
Porsche веќе извесно време се поврзува со идна потенцијална соработка со Red Bull, со оглед на фактот дека сегашниот партнер на австрискиот тим, Honda, ја напушта Formula 1. Преговорите наводно напредувале до тој степен што се чека само одобрение од надзорните тела на VW Group.
Ова би можело да се случи веќе во март во случај да не се појават некои непредвидени пречки, што би обезбедило враќање на Porsche во F1 гридот како снабдувач на погонски единици.
Советникот на Red Bull, Хелмут Марко и неговиот австриски сонародник Фриц Ензингер, шеф на одделот за моторспорт на групацијата VW, се сметаат за главни фигури во формирањето на новото партнерство.
Шефот на Porsche, Оливер Блуме, кој е присутен на состаноците, е оптимист за плановите на Formula 1 да се префрли на синтетички горива, додека шефот на спортскиот оддел на Porsche, Томас Лауденбах, во ноември изјави дека се исполнети условите за потенцијален влез во F1.
Минатиот месец, Марко објави дека Honda ќе продолжи директно да го снабдува Red Bull со погонски агрегати до крајот на 2025 година, што би осигурало Red Bull Powertrains или некој друг партнер, да осигура концесии од 2026 година, кога на сцената ќе се појават новите погонски единици.
Се верува дека формирањето на специјалниот оддел за погонски единици на Red Bull во Милтон Кејнс го привлекло Porsche бидејќи обезбедува флексибилност во тоа каде се одвива развојот, со тоа што дел од потенцијалната F1 програма би се одвивал во Вајсах, Германија.
Formula 1 работеше напорно за да ги направи регулативите за погонската група од 2026 година привлечни за групацијата VW, фокусирајќи се на употребата на синтетички горива и отстранувањето на MGU-H, за што падна договор кон крајот на минатата година.
Светскиот совет за моторспорт на FIA во декември потврди дека MGU-H ќе биде укинат, но постоечкиот 1.6-литарски V6 мотор ќе биде задржан, во комбинација со зголемување на моќноста од електрични извори, со воведување на ограничувања на трошоците поврзани со погонските агрегати.
Без оглед на преговорите на Porsche, и Audi се поврзува со потенцијално партнерство со McLaren, чии автомобили моментално се придвижуваат од мотори на Mercedes.
McLaren во ноември објави соопштение во кое негира дека е купен од Audi, но дека разговарале со претставници на германската компанија, велејќи во јануари дека со задоволство ќе почекаат групацијата VW да одлучи за влезе во Formula 1, пред да се направи проценка за можни партнерства.
Извор: Вреле Гуме