Porsche е во „неволја“, а помошта доаѓа од Audi
„Виновникот“ за сè е моделот Taycan
Porsche е во неволја, но многу слатка. Исто како на почетокот од овој милениум, кога „проблеми“ направи моделот Cayenne и неговиот успех во продажбата, така сега на светските пазари блеска и „жари и пали“ друг модел. Првото електрично Porsche ги руши сите рекорди, па така во првата половина од оваа година се испорачани над 4.500 примероци, а станува збор за автомобил чија цена е напишана со шест цифри.
Taycan влегува во новата моделна година со уште поголема технологија, но и со зголемен интерес на пазарот. Според германскиот Automobilwoche, Porsche повеќе не може да го следи производството, па затоа се обратил за помош во Audi. Audi веднаш реагирал и испратил 400 свои вработени да помогнат.
„400 вработени од фабриката на Audi во Некарсулм се преселија да работат и помогнат во фабриката на Porsche во Зуфенхаузен, меѓу другото, во производството на целосно електричното Porsche Taycan“, потврди портпаролот на Audi.
Првите вработени од Audi биле испратени да помогнат уште во јуни, а во наредните месеци ќе се приклучат и нови. Производството на Taycan вклучува 2.000 работници во Porsche, 500 повеќе од првично планираното. Во моментов Porsche произведува 150 единици дневно, а поради зголемената побарувачка, почетокот на производството на верзијата Sport Turismo е одложен. Веќе сега е познато дека работниците на Audi по враќањето назад ќе бидат ставени на производствената линија за Audi е-трон ГТ, кој повеќето компоненти ги дели со Taycan.