Porsche Cayenne Turbo S E-Hybrid е најмоќниот SUV во VW групата
Porsche ја претстави новата верзија на својот SUV модел Cayenne, кој воедно е најмоќниот теренец што досега излегол од која било фабрика на VW групата!
Со други зборови, Porsche Cayenne Turbo S E-Hybrid, како во класична така и во таканаречената Coupe форма, благодарение на својот погонски систем, е позициониран дури и пред Lamborghini Urus и Bentley Bentayga Speed!
Погонската група е составена од 4.0-литарски V8 битурбо од 550 КС спарен со електричен мотор што ослободува дополнителни 136 „коњи“. Комбинираната декларирана моќност е 680 КС со подеднакво импресивен вртежен момент од 900 Nm.
Моќноста преку 8-степениот Tiptronic се испраќа до сите тркала. Со овој погоснски систем овој SUV модел од 2.5-тони, до „стотка“ стигнува за само 3,8 секунди, побрзо и од новата 911 Carrera, со максимална брзина од 295 km/h!
Eлектричниот мотор со енергија се снабдува од батерискиот пакет од 14,1 kWh сместен над задната оска, што резултира во нешто помал багажен простор. Само на електрична енергија, Cayenne Turbo S E-Hybrid може да помине околу 40 километри, со брзина до 135 km/h.
Според податоците од компанијата, за полнење на батеријата се потребни околу два и пол часа, ако се користи полнач на Porsche од 7,2 киловати, или околу шест часа ако се користи стандарден домашен приклучок.
На возачот при возење му се достапни четири главни режима – E-Power, E-Hybrid, Sport и Sport Plus, во зависност од тоа колку се користи V8 битурбо моторот или електричниот мотор.
Цената на Porsche Cayenne Turbo S E-Hybrid во Германија започнува од 172.604 евра, додека верзијата Coupe е уште поскапа и чини 176.293 евра.