Покрај визуелнaта рестализација, автомобилот добил и лесен хибриден погон и подобрен инфо-забавен систем

Откако германскиот премиум бренд ги покажа модернизираните и редизајнирани модели А4 и Q7, на ред дојде и рестилизираниот Q5. Визуелно, освежениот SUV модел има нова, поширока решетка на ладилникот, интегрирана во редизајнираниот браник, додека од страна се наоѓаат големи отвори за воздухот.

Тука се и рестилизираните LED светлосни групи, со нови дневни светла. Од другите детали, забележителни се и декоративни елементи на праговите, кои создаваат визуелен впечаток за повисок клиренс отколку реалниот. Задниот дифузер за воздух е исто така нов, заедно со двојните издувни цевки, како и „графиката“ во задните светлосни групи.

Во однос на погонските единици, Audi понудил 2.0-литарски TDI турбо дизел (40 TDI) од 204 КС и 400Nm, со блага хибридна технологија која вклучува стартер-генератор на 12 волти, како и компактна литиум-јонска батерија. Енергијата се испорачува на сите четири тркала преку седумстепен S tronic менувач, кој е составен дел од quattro погонот.

Другите две верзии на 2.0 TDI единицата треба да се појават малку подоцна, исто како и 3-литарскиот V6 TDI, како и 2-литарскиот TFSI турбо бензинец, кој исто така ќе биде понуден и во plug-in хибридна верзија.

Кога станува збор за ентериерот, освежениот Audi Q5 добил нов централен дисплеј со дијагонала од 10,1 инчи, како и третата генерација на инфо-забавниот систем MMI на Audi, кој, барем според германската компанија, е до 10 пати побрз и помоќен од својот претходник.

Наместо традиционалниот ротирачки контролер, сега низ менијата се навигира со допир или говорни команди. Системот за навигација нуди приказ на Google Earth со висока резолуција, како и податоци за сообраќајот во реално време.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1BmxHHt42g9umSpi2qdSP1Y90pXGv5Ten” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ previewinline=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Рестилизираниот Q5 ќе се произведува во фабриката на Audi во Мексико, а на пазарот се очекува подоцна оваа есен. Почетната цена на верзијата Audi Q5 40 TDI на германскиот пазар ќе биде 48.700 евра.