„Не ми можете ништо, имам дипломатски имунитет“

Возачот на полицијата и покажал документите на непостоечка држава – Republic of Errant Menda Lerenda

Поради чудно однесување на патот и зборување на мобилен телефон при возење, шпанската полиција запрела 28-годишен возач од малото гратче Логроно на северот од земјата. Возачот првично одбил да ги покаже документите, но по неколку минути жестока расправија сепак се „смилувал“ и на полицијата и покажал документи на непостоечка држава – Republic of Errant Menda Lerenda. На инсистирање на полицијата да им ги покаже вистинските документи, возачот се насмеал и се повикал на дипломатски имунитет на државата. Ситуацијата ескалирала кога возачот почнал да ги навредува полицајците затоа што не сакаат да го почитуваат неговиот дипломатски статус, туку инсистираат на „вистински документи“.

Според шпанските медиуми, при претрес на автомобилот била пронајдена дрога и возачот бил позитивен на ТХЦ. По тестот, мажот признал дека изел торта со марихуана. На лице место му била одземена „вистинската“ возачка дозвола и казнет со 2.000 евра.

Полицијата го товари за давање лажни податоци, давање отпор, возење под дејство на наркотици и зборување на мобилен телефон додека вози.

Што се однесува до државата Republic of Errant Menda Lerenda, таа е самопрогласена земја чија територија се протега на „уникатен, ексклузивен и незаменлив простор кој нивните граѓани го заземаат во секое време“.

„Државјанството“ не е бесплатно, бидејќи секој што сака да добие документи од оваа земја мора да плати 76 евра за лична карта, регистрација во датотека и меѓународна испорака.