Причината за симнувањето на Mondeo од понудата е падот на продажбата, но и лудилото на клиентите по теренци и кросовер модели

По 29 години Ford го прекина производството на Mondeo. Последната единица на некогаш исклучително популарната лимузина оваа недела излезе од производните линии на фабриката во Валенсија.

Иако новата генерација ќе продолжи да се продава во Кина, неа нема да ја видиме во Европа.

Причината за симнувањето на Mondeo од понудата за стариот континент е падот на продажбата, но и новите трендови во автомобилската индустрија, пред се лудилото на клиентите по теренци и кросовер модели и електрификацијата на возниот парк.

„Мораме да ги почитуваме желбите на клиентите и тие јасно се менуваат. Затоа ја развиваме гамата на патнички автомобили во Европа за да одговориме на променливите потреби на клиентите додека се движиме кон целосно електрична иднина“, вели портпаролот на Ford.

Претходно оваа година, Ford објави дека инвестира најмалку 22 милијарди долари на глобално ниво во електрифицирање на својот опсег и 1 милијарда долари во создавање центар за електрификација во Келн за производство на електрични возила.

Дел од планот вклучува инвестиција од 4,5 милиони долари во фабриката за мотори на Ford vo Валенсија за да се прошири капацитетот за склопување на батерискиот пакет, но и да се направи простор за производство на 2,5-литарски хибриден мотор за Kuga, Galaxy и S-Max.