Polestar Precept, увид во иднината на брендот
Автомобил кој треба да ја промени досегашната пракса за изработка на луксузни седани. Станува збор за пред-концептен електричен автомобил на иднината
Неговата посебност е тоа што е дизајниран и направен со една мисла – одржливост. Визуелно, Precept изгледа футуристички, благодарение на дизајнерската филозофија наречена „минималистички атлетизам“. За неговата изработка се користени рециклирани и одржливи материјали, погонот е електричен, а за електрониката одбрана е подлабока интеграција со Google Automotive оперативниот систем.
„Precept е манифест на тоа што треба да дојде; декларација и визија за работите зад кои стои Polestar и што нашиот бренд го прави релевантен“, вели шефот на Polestar, Томас Ингенлат. „Ова не е сон за далечна иднина, Polestar Precept е увид во идните возила и покажува како ќе ги користиме иновациите за да го намалиме влијанието на животната средина“, додава Ингенлат.
Внатрешните панели и задните панелите на седиштата во Precept се изработени од композитни материјали базирани на лен, а тоа претставува дури 80% намалување на пластичниот отпад, како и 50% намалување на тежината на возилото.
Самите седишта се пресвлечени со ткаенина која е 3D исплетена од рециклирана ПЕТ амбалажа. Страниците на седиштата и потпирачите за глава се направени од рециклиран винил за изработка на чепови.
Теписите во Precept се направени од стари мрежи за риболов.
Сето ова во комбинација со дигиталната уметност при изработката на автомобили дефинира нов вид луксузни производи кои ги надминуваат класичните луксузни материјали како кожа, дрво и хром.
Што се однесува до дигиталната интеграција, Polestar во Precept, како и Polestar 2, најави дека сака да го интегрира Android Automotive оперативниот систем на Google , кој е поширока верзија на системот Android Auto и за кој не е потребно поврзување со мобилен телефон.
Во Polestar Precept покрај 12.5-инчниот дигитален дисплеј пред возачот, вграден е уште еден од 15-инчи чувствителен на допир на централната конзола, а се тврди дека системот ќе користи и напредно следење на движењето на очите и сензори за близина кои на возачот ќе му доставуваат информации на контролиран начин.
Со други зборови, дисплејот ќе се активира ако возачот погледне во него или ако возачот ја придвижи раката кон него. Исто така, системот ќе го предупреди возачот ако тој / таа троши премногу време гледајќи во екранот наместо на патот и сообраќајот наоколу.
Перформансите засега се непознати.