Поглед во Porsche Tаycan – првата официјална фотографија од кокпитот
Porsche продолжува постепено да го открива својот прв сериски електричен модел
На првата фотографија од патничкиот салон прикажана е командната табла инспирирана од најновата генерација на Porsche 911. Кокпитот го комбинира традиционалниот и модерен дизајн на автомобилите на Porsche со аналогни и дигитални индикатори, а на средината од таблата е сместен екранот од мултимедијалниот систем.
Производителот со седиште во Штутгарт објави дека Taycan ќе биде првиот модел на Porsche со интегрирана Apple Music содржина, овозможувајќи им на сопствениците кои се претплатиле на услугата да имаат пристап до над 50 милиони музички нумери, илјадници плејлисти и други погодности.
Porsche Tаycan својата светска премиера ќе ја има на 4 септември, а германскиот производител до сега нè запозна со неколку технички детали за овој автомобил. Возилото ќе се придвижува со два електрични мотори со вкупна моќност од 600 КС (441 kW), а автомобилот ќе има погон на сите тркала.
Tаycan од 0-100 km/h ќе забрзува за помалку од 3,5 секунди, а литиум-јонските батерии од 90 kWh би требало да овозможат автономно возење од над 500 километри (измерено според стандардот NEDC).