Поглед во иднината на супербрендот: премиера за Lamborghini Sian / ФОТО+ВИДЕО
Новиот модел на италијанскиот супербренд привлече големо внимание на Салонот за автомобили во Франкфурт
Во последно време има се повеќе гласини за евентуална продажба на Lamborghini, бидејќи не се вклопува во идните планови на групата Volkswagen. Но, иако V12 погонските единици сигурно не се во согласност со приказната за електричните автомобили, сè уште има простор за хибриден Lamborghini.
Всушност станува збор за таканаречен „благ“ хибрид бидејќи моделот Sian користи помош од електричен мотор, кој на сцена стапува при помали брзини и за време на престигнување.
Погонската V12 единица од Aventador и понатаму е срцето на моделот, а вкупната моќност на Sian е 810 „коњи“, што овозоможува импресивни перформанси. Со помош на погонот на сите тркала, ова Lamborghini до 100 km/h стигнува за помалку од 2,8 секунди, а максималната брзина е 350 km/h!
Lamborghini ќе произведе само 63 примероци од овој извонреден автомобил, а цената засега останува непозната.
Можеби Sian е само вовед во новата ера на суперавтомобилите на Lamborghini, со оглед на тоа дека наскоро се очекува и plug-in хибридна верзија на бестселерот на овој бренд – SUV моделот Urus.