Со отстранување на царината од 6% за мотоцикли произведени во Јапонија, купувачите во ЕУ ќе можат овие мотоцикли да ги купат за помалку пари

Договорот меѓу Јапонија и ЕУ за слободна трговија, исто така, предвидува производителите од Европа да извезуваат во Јапонија без царина, со што се отвора вратата за реципроцитет на мотоцикли базирани на нашиот континент. Спроведувањето на договорот треба да започне во следните пет години.

Посебно внимание во мотоциклистичките медиуми овие денови привлекуваат жестоките изјави на Британската мото федерација, која удри жестоко по сопствената влада. Британските мотоциклисти се незадоволни од тоа што царините за нивната земја за јапонските машини ќе останат, но исто така и поради тоа што домашната индустрија ќе има голем проблем.

Имено, британската мото индустрија во голема мера се потпира на извозот. Со напуштањето на ЕУ, ќе се воспостават царини за извозот на мотоциклите во Европа, што брендовите од Обединетото Кралство ќе ги стави во незавидна позиција.

Покрај тоа, британските мотоциклисти се загрижени поради најавата дека јапонските модели ќе бидат поевтини во континенталниот дел, а најавениот реципроцитет со извозот на мотоцикли во Јапонија ќе биде уште една пропуштена можност за домашната индустрија.