Mercedes-овиот кросовер/СУВ двоец GLA/GLB во редизајнираното издание со себе носи неколку подобрувања и повеќе стандардна опрема

Mercedes-Benz ги претстави освежените изданија на моделите GLA и GLB кои ќе пристигнат во салоните ширум светот во втората половина на годината, а популарното дуо донесува благо редизајнирани каросерии, ажурирана механика и повеќе стандардна опрема.

Дизајн

Двете возила, 4,4 метри долгиот GLA и 4,6 метри долгиот GLB, добиле нов преден браник и различна решеткана ладилникот. Основната верзија на GLA сега има решетка со вертикално поставени летви, додека GLB нуди нивно хоризонтално позиционирање во црна боја. Но, верзиите опремени со AMG пакетот имаат решетка која не е многу променета. Треба да се додаде дека се додадени нови опции што се однесува до бандажите, со дијаметар помеѓу 17 и 20 инчи. Зајакната е и палетата на достапни бои закаросеријата.

И двата кросова сега имаат предни светла во ЛЕД технологија како дел од основната опрема, за разлика од стандардот досега односно  халогените фарови. Истото важи и за задните сигнални групи. Но, доколку оптиката на моделот GLA не е променета во визуелна смисла, освежениот GLB најлесно се „препознава“ по  новите предни светлосни групи, но и по стоп светлата со двојни светлечки линии.

Промените во внатрешноста на иновативните теренци од Штутгарт потешко се забележуваат и главно се однесуваат на украсни детали и опрема. Ажурираните GLA и GLB имаат голем 10,25-инчен мултимедијален системски екран, веќе од основната понуда, додека претходно за таков монитор требаше да се плати, додека во основа беше екран од седум инчи.

Сепак, панелот со инструменти и понатаму зависи од количината на пари за која ќе се определите, а се нуди дијагонала од седум или гореспоменатите 10,25 инчи. Основниот пакет на опрема вклучува кожен спортски волан, комбинирани навлаки за седиштата (изработени од мешавина од два материјали), а има и камера за рикверц.

Подобрен е мултимедијалниот систем MBUX: нова е графиката, подобрен е системот за гласовна контрола, а се појавува и сензор за идентификација на возачот преку отпечаток од прст. Од централниот тунел е отстранет дополнителниот панел кој помага во контрола на мултимедијалните содржини, а на негово место има простор за складирање на ситници. Нов е обрачот на воланот од каталогот AMG, а нуди два крака, како кај повисоко позиционираните Mercedes модели. Поставени се и дополнителни конектори за USB тип C, а тука е и заднинското осветлување.

Погон

Сите верзии на бензин доаѓаат стандардно со благ хибриден систем (48V) кој додава 14 коњски сили при стартување од место и во првите секунди од потребното посилно забрзување. Помоќните GLA/GLB 180 (136 коњски сили) и GLA/GLB 200 (163 коњски сили) опремени со 1.3-литарски турбо мотор се нудат само со погон на предните тркала.

Наместо варијантите GLA/GLB 200 4Matic, можете да добиете верзија со интегрално погонско решение и налепница GLA/GLB 220 4Matic. Овие варијанти на моделот под хаубата носат  2-литарски турбо бензински 4-цилиндерски мотор со 190 коњски сили. Во понудата останува и алтернативата, односно GLA/GLB 250 4Matic.

Дизел верзиите останале исти. Сите тие се базирани на 2-литарски 4-цилиндерски мотори кои припаѓаат на семејството на агрегати OM654. Кросоверите GLA / GLB 180 d (116 коњски сили) нудат само погон на предните тркала, додека верзиите со индекси GLA / GLB 200 d (150 коњски сили) доаѓаат и со преден и со погон на сите тркала. Најмоќните алтернативи, оние означени како GLA/GLB 220 d (190 КС) имаат предна погонска оска, додека интегралниот погон (4Matic), како и претходно, е достапен како опција.

И двата кросова нудат преселективни роботизирани менувачи со седум или осум степени на пренос, во зависност од погонската единица, а нема варијанти со рачен менувач.

Технологија

Техничките новини се однесуваат само на plug-in хибридот наречен Mercedes-Benz GLA 250 e, додека поголемиот GLB сè уште не нуди таква алтернатива. Погонската единица и понатаму произведува 218 коњски сили и 450 Nm вртежен момент, но карактеристиките на двата мотори се променети. 1.3-литарскиот турбо бензински мотор е надграден од 160 коњски сили и 250 Nm максимален вртежен момент на 163 коњски сили и 270 Nm, додека моќноста на електромоторот е зголемена од 102 на 109 коњски сили, со постојан вртежен момент од 300 Nm.

Капацитетот на тракционата батерија е намален од 15,6 на 11,5 kWh, но ова довело до намалување на опсегот без бучава за само еден километар, од 71 на 70. Моќноста што може да се користи за AC (бавно) полнење е зголемена од 7,4 на 11 kW, додека со доплата се добива терминал од 22 kW со етикета и DC.

Што се однесува до најмоќните верзии, оние со AMG налепница, односно Mercedes-AMG GLA 45 (387 коњски сили) како и GLA 45 S (со 421 „грла“) веќе не се дел од каталошката понуда. Погонските единици со таа моќ преживеале само во класата А и CLA. Отсега најмоќни кросовери ќе бидат оние со ознаки GLA 35 и GLB 35 и 2-литарски турбо бензински мотори со четири цилиндри и 306 вртежи. Тие се споени со осум-брзински роботски менувач и обезбедуваат енергија на сите четири тркала.

Во исто време, „триесет и петтките“ се опремени со благ хибриден систем кој ги додава споменатите 14 „коњи“ и 150 Nm. Поради некоја причина, ова има негативни импликации за динамиката на возењето. Забрзувањето до 100 km/h за моделот GLA 35 сега трае една десетина подолго (беше 5,1 додека сега е 5,2 секунди), додека големиот GLB 35 забрзуваше до „стотка“ за 5,2 секунди, додека сега го прави истото за 5,5 секунди. Сите AMG варијанти нудат посебен амблем кој е поставен над решетката на ладилникот и на него се гледа грбот на славната дивизија.