Започна продажбата на шестата генерација на Opel Corsa во Германија по цена од 13.990 €

Новата Opel Corsa својата светска премиера ја имаше на авто салонот во Франкфурт во септември, а за прв пат овој модел ќе се продава и во електрична верзија.

Кога станува збор за дизајнот, новата генерација на Opel Corsa има малку поразлични пропорции – автомобилот е пред сè понизок, па затоа и има подинамичен, поспортски изглед.

Должината е приближно иста како и кај претходната генерација, но затоа автомобилот е понизок за 48 mm, додека положбата на седиштата е пониска за 28 mm, во споредба со генерацијата во заминување.

За прв пат, Corsa добива предни светла со LED технологија односно IntelliLux Matrix LED, а новата, потесна предна маска ја комплетира спортската слика на автомобилот. LED диодите целосно ги „освоиле“ и стоп-светлата.

Значителни промени во однос на тековната Opel Corsa се забележливи и во салонот. Автомобилот сега има многу посовремен кокпит со дигитален инструмент панел (во повисоките пакети на опрема) и мултимедијален 7-инчен екран (во основната верзија), а достапен е и опционален, голем 10-инчен екран.

Новата генерација на Opel Corsa доаѓа со бензински и дизел мотори кои се движат од 55 kW (75 КС) до 96 kW (130 КС). Изборот на менувачот е помеѓу 5-степен и 6-степен мануелен, како и 8-степен автоматски (за прв пат во Opel Corsa).

Една од најзначајните новини е тоа дека шестата генерација на бестселерот на Opel ќе биде достапен и како целосно електрична верзија со капацитет на пакетот батерии од 50 kWh, моќност од 100 kW (136 КС) и автономија од 330 километри.