На ден 31.08.2018 година на своја 55 годишна возраст ненадејно почина познатиот македонски автомобилски новинар Љупчо Михајловски

Некои го познаваа како Труба, други како Љупчо Вечер, Љупчо Авто Плус, бата Љуба, но на крајот од денот за сите голем пријател, другар, колега, сопруг, татко… Неговото заминување од овој свет е тажен ден за кои го познаваа. Љупчо Михајловски беше еден од најдобрите познавачи на автомобилизмот, автомобилската технологија и историја кај нас, вистински професионалец.

Целиот свој работен век го помина како новинар. Својот почеток во новинарството го стартува како спортски новинар во редакцијата на Вечер. Накратко е во почетната структура на првиот независен весник Република, по што следи враќање во Вечер. Во 1991 година почнува страста кон автомобилите и е дел од групата на луѓе кои ја оформуваат првата македонска автомобилска ревија Авто Плус. Во годините што следат, Михајловски беше е дел од уште неколку големи проекти како „5та Брзина“, „АвтоМотоМ“, „Високи Октани“, „Современ Возач“, „ДодајГас“…. Со автомобилите пропатува многу километри низ светот, посети многу градови, саеми, специјални настани, запозна многу пријатели. Напиша илјадници страници текстови, бројни репортажи, стручни коментари, кои ќе останат корисно четиво и за некои идни генерации на новинари и вљубеници во автомобилите.

Нека почива во мир! Вечно ќе биде запомнето она што го остави зад себе.