Почеток на крајот – Audi повеќе не нуди дизел автомобили во Холандија
Германската марка целосно ги елиминира дизелите од своето портфолио во Холандија
Audi S5 Sportback TDI
TDI моделите на Audi се минато во Холандија. Не, ова не е првоаприлска шега, Марката со четири прстени одлучила дека е време да ги насочи своите напори кон другите возила на споменатиот пазар.
Холанѓаните сепак ќе имаат можност да купуваат варијанти со мотори со внатрешно согорување на Audi, бидејќи продолжува да нуди автомобили со бензински и хибридни погонски агрегати. Во исто време, жителите на оваа земја досега покажаа голем интерес за електрификација, а јасно е дека Audi ќе се обиде да ги пренасочи потенцијалните купувачи кон возилата со батерии.
Со овој потег на германскиот производител може да се каже дека доаѓа почетокот на крајот. Audi до неодамна не можеше да се замисли без TDI погонските агрегати, а денес овој бренд доброволно се откажува од нив.
Инаку, Audi веќе го стопираше понатамошниот развој на моторите со внатрешно согорување, но добрата вест е што неколку претстојни модели сепак ќе имаат право и на бензински и на дизел мотори. Ова е случај и со следната генерација на А4, која сепак ќе ги користи TDI единиците.
Експертите сугерираат дека Audi полека ќе ги елиминира дизелите од снабдувањето секаде каде што е можно. Се очекува по Холандија тоа да се случи и во скандинавските земји, а потоа чекор по чекор и на остатокот од Стариот континент.