Младиот швајцарски мотоциклист Џејсон Дупаскје почина како резултат на повредите кои ги претрпе за време на саботните квалификации за Големата награда на Италија во категоријата Moto3

Во вториот дел од квалификациите на патеката Муџело, Дупаскје беше замешан во сериозен инцидент во кој учествуваа и Ајуму Сасаки и Џереми Алкоба. Серхио Гарсија беше возачот поради кој падна возачот на Pristel Gran Priх, за потоа директно во него да удри Сасаки, а потоа и Алкоба.

Швајцарецот најпрво доби помош на самата патека, а потоа со хеликоптер беше префрлен во болница во Фиренца, каде што бил опериран во текот на ноќта. За жал, повредите биле од сериозен степен, па младиот Дупаскје утринава им подлегнал на повредите. За нешто повеќе од еден месец, на 9 јули, Дупаскје требаше да наполни 20 години.

Џејсон Дупаскје беше исклучително добар на првите пет трки од неговата втора сезона од Светскиот шампионат, на кои успеа да собере 27 поени и пред трката во Муџело беше 10-ти во генералниот пласман. Најдобриот резултат го постигна пред неколку недели, на ГН на Шпанија, кога го зазеде седмото место. Минатата сезона, воедно негова дебитантска не освои ниту еден поен.

Неговиот тим, Pristel Gran Priх, одлучи да се повлече од трката во Муџело, а истото го стори и менторот на младиот Швајцарец Том Лути.

Смртта на Дупаскје е прва во Светскиот шампионат по пет години и несреќата во која животот го загуби Луис Салом – на 3 јуни 2016 година на патеката Каталуња во Барселона.