По Formula 1, хостесите исчезнуваат и од саемите за автомобили?
Откако првите луѓе на Formula 1 одлучија да стават крај на традиционалното позирање на хостеси пред стартот на трките, убавите девојки може да исчезнат и од саемите за автомобили
Хостесите со години наназад беа речиси подеднакво во центарот на вниманието на некои саеми како и возилата покрај кои стоеја, но се чини дека и тоа ќе му дојде крајот.
Водечките компании во индустријата се повеќе се користат специјалисти да ги презентираат своите производи наместо атрактивно облечени девојки, а веќе претстојното 88. издание на саемот за автомобили во Женева може да биде многу поконзервативно отколку во минатото.
Веќе се знае дека јапонските производители Toyota и Nissan нема да ги користат услугите на хостесите на своите штандови, а наводно договорите со модели ги раскинал и италијанскиот Fiat, поради се почестите јавни критики.
„Времињата се менуваат. Повеќе смисла има да користиме специјалисти, бидејќи се обидуваме да продаваме автомобили“, вели портпаролката на Nissan, Сара Џенкинс.
Од друга страна, француската група PSA има друго решение – покрај женски на нивните штандови ќе има и машки „домаќини“.
Иако организаторот на саемот за автомобили во Женева на излагачите им дозволува своите производи да ги презентираат како што тие сакаат, многу компании се многу чувствителни во однос на хостесите поради се почестите прашања за сексизмот.
Ова прашање во автомобилската индустрија дојде во фокусот на вниманието, откако пред десетина дена Ford го отпушти извршниот потпретседател за Северна Америка Раџа Наир поради „несоодветно однесување“ без детално објаснување за околностите.