Иако извесно време наназад одбиваше мултимедијалните системи во своите автомобили да ги опреми со функција за поврзување со паметните телефони на Android платформа, Toyota, во меѓувреме попушти и најверојатно од октомври Android Auto ќе биде достапен во новите модели на овој производител

Така сопствениците на идните Toyota модели во иднина ќе може своите Android уреди во целост да ги интегрираат со фабричкиот мултимедијален систем, што досега беше возможно само на оние кои имаат паметен телефон на Apple, благодарение на Apple CarPlay.

Toyota со инсталација на Apple CarPlay во своите системи започна во јануари, но тогаш изостана поддршката за Android паметните телефони. Имено, јапонскиот производител имаше одредени резерви поради загрозување на приватноста на нивните клиенти, па затоа се колебаше дали да ја воведе и функцијата Android Auto.

Досега, возачите на моделите на Toyota своите паметни уреди на Android платформа со фабричкиот мултимедијален систем можеа да ги поврзат само преку SmartDeviceLink системот развиен од страна на Ford, но оваа технологија има ограничувања за тоа што може да се „преслика“ од паметниот телефон на екранот на мултимедијалниот систем.

Откако Apple CarPlay и Android Auto системите беа презентирани пред неколку години, станаа една од неизбежните содржини во многу нови модели на автомобили, дури и кај суперавтомобилите на Ferrari, на пример.

Loading...