Веста ја соопшти лично Гасли на неговиот Twitter профил

Зад Гасли е успешна сезона. Барем до сега. Французинот дојде и до својата прва победа во кариерата во Монца, што беше втора победа за тимот од Фаенза, а прва под името AlphaTauri. Добрите резултати и настапи продолжија и потоа, па како награда за добрите настапи, пристигна и нов договор за 2021 година со италијанскиот тим.

„Исклучително сум среќен што останувам во AlphaTauri уште една сезона. Оваа година сè оди многу добро и ја доживуваме една од најуспешните сезони во историјата на тимот“.

 

„Чувствувам дека сме многу силно поврзани и успеваме да ја искористиме секоја можност која ќе ни се отвори, а најдобрата од нив беше на трката за ГН на Италија. Првата моја победа во Formula 1 на трката во Монца, а втора во историјата на тимот, беше многу посебна за мене. Многу сум горд на тоа“.

 

„Ќе го дадам својот максимум да го водам овој тим и ќе преземам целосна одговорност да стигнеме колку што можеме подалеку. Се радувам на предизвиците во следната сезона и и останувањето со AlphaTauri како модна компанија и тркачки тим, со желба настапите да бидат уште подобри и да постигнам уште поголем успех во иднина“, вели Пјер Гасли.

Французинот својата тркачка F1 кариера ја започна токму во овој тим, но тогаш под друго име – Toro Rosso. Dебитираше во 2017 година, а потоа кон крајот на 2018 година се појави поканата да се пресели во Red Bull како замена за Даниел Рикиардо. Првата половина од минатата година во Red Bull не беше добра и Гасли беше вратен во Toro Rosso, но по таа деградација тој застана на нозе и брзо започна да постигнува добри резултати.

„Воодушевен сум што Пјер ќе остане со нас и во 2021 година“, вели шефот на тимот Франц Тост. „Тој е дел од погонот на Red Bull веќе многу години и се надевам дека ќе остане дел од семејството на Red Bull уште многу сезони. Откако се врати кај нас минатата година, во континуитет покажуваше исклучително добри настапи и оствари два пласмани на подиумот. Второ место во Бразил во 2019 година и победа на годинешната домашна трка во Италија“.

 

„Пјер се покажа како многу конкурентен возач и благодарение на неговите тркачки вештини, тој максимално го искористува потенцијалот на болидот на секоја трка и им дава вредни повратни информации на неговите инженери. Тој е ментално многу силен, секогаш мотивиран и кога ќе постави некои цели, дава се од себе за да ги постигне. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата соработка и се надевам дека ќе имаме успешна 2021 година заедно“.

Второто возачко место во тимот за следната сезона сè уште останува отворено. Засега на таа позиција е Даниел Квјат, но неговиот статус е сè уште под знак прашалник.