Peugeot веќе усоглаcен со еколошките стандарди на ЕУ за 2020 година
Peugeot нема да треба да плаќа казни за емисии во Европа за 2020.
„Нашата октомвриска продукција, која ќе се реализира во нови регистрации во јануари, е веќе целосно во согласност со просекот од 93g / km CO2 што Peugeot треба да го генерира следната година“, вели шефот на компанијата, Жан-Филип Импарато.
Тој додава дека плаќањето на казни не е тема во Peugeot, со што просечната емисија на флотата ќе се проверува на неделна основа, почнувајќи од следната година.
„Нема потреба да туркаме сопствени регистрации на модели со висока емисија до крајот на годината, бидејќи веќе го усогласуваме производството со принципите на емисија за следната година“, додава тој.
Аналитичарите предупредуваат дека производителите на автомобили може да бидат казнети со милиони евра од Европската унија за неисполнување на нивните цели за флотна емисија на јаглерод диоксид.
Зголемената популарност на SUV / кросовер моделите, кои се помалку ефикасни од нивните хеџбек и лимузински модели, како и забраната за постари дизели во некои европски градови се некои од факторите кои негативно влијаат на способноста на производителите на автомобили да ги намалат емисиите.
Првиот човек на PSA Групацијата, Карлос Таварез, во март 2018 година изјави дека на францускиот конгломерат ќе му требаат електрични, батериски модели, како што е новиот Peugeot e-208, како и plug-in-хибриди, на кои треба да се однесува 7 проценти од продажбата, додека дизелот треба да изнесува 10 проценти од пазарот, за да гамата биде во согласност со стандардите на ЕУ за 2020 година кога станува збор за емисиите на јаглерод диоксид.
Минатиот месец на Саемот за автомобили во Франкфурт, Таварез изјави дека падот на продажбата на дизелите не е стрмоглав, како што сите се плашеа пред 18 месеци, па тој проценува дека тие ќе учествуваат со 20 до 25 проценти од продажбата на PSA групата и следната година.
Шефот на Peugeot, Императо, вели дека учеството на дизелот опаднало за околу 7 процентни поени на годишно ниво во текот на изминатите четири години, или од околу 60 проценти во 2015 година на околу 34 проценти досега оваа година. Сепак, тој не сака да каже како ја гледа следната година во овој поглед.