Peugeot 3008 и 5008 наскоро и со благ хибриден систем
Помоќни, а во исто време и поекономични
Популарното кросовер дуо на Peugeot ќе троши до 15 проценти помалку гориво во споредба со сегашните опции со турбо бензински мотор потпомогнат со благ хибриден систем (MHEV).
Минатиот месец дојде веста од автомобилската групација Stellantis дека во следните две години Peugeot ќе претстави најмалку пет модели кои ќе се придвижуваат само со електромотори, а меѓу нив треба да бидат и новите генерации на кросоверите 3008 и 5008. До тогаш, во Peugeot, за актуелната генерација на споменатите модели веќе подготвиле благи хибридни верзии (MHEV – Mild Hybrid Electric Vehicle) кои треба да бидат достапни во вториот квартал од оваа година.
Од Peugeot велат дека 3008 и 5008, кои се поддржани од 48-волтен благ хибриден систем, во градски услови ќе трошат 2,5 литри помалку гориво на 100 километри во споредба со верзиите со конвенционален погон, а потрошувачката на отворен пат е намалена за 0,7 литри. Според WLTP стандардот, просечната потрошувачка ќе биде еден литар помалку, а емисијата на издувни гасови ќе се намали за 20 g/km.
MHEV Peugeot 3008 и 5008 се придвижувани од ново развиен 1.2-литарски 3-цилиндерски турбо бензински мотор кој развива 136 коњски сили при 5.500 вртежи во минута и 230 Nm максимален вртежен момент при 1.750 вртежи во минута. Новиот турбо бензинец е потпомогнат од електричен мотор сместен во куќиштето на нов 6-брзински автоматски менувач со две спојки кој нуди 28 КС и 55 Nm вртежен момент, што е доволно дуото на Peugeot во ситуации кога не е потребен многу вртежен момент да ги придвижува само е-моторот.
При секое забавување, електричниот мотор станува генератор кој ја полни литиум-јонската батерија сместена под возачкото седиште, така што волуменот на багажникот кај двата модели останува ист во споредба со конвенционалните верзии.
Веќе е познато дека Peugeot наскоро ќе го понуди својот нов благ хибриден систем со моделите 208, 2008, 308, 308 SW и 408, кои моментално се придвижувани од добро познатата комбинација на 1.2-литарски 3-цилиндерски турбо бензински мотор (130 КС) и 8-степен автоматски менувач.