Со новиот триумф, Британецот стигна до петтата победа оваа сезона, а рекордна шеста на Хунгароринг

Со новиот триумф, Британецот стигна до петтата победа оваа сезона, а рекордна шеста на Хунгароринг. По големата драма при крајот од трката, место на подиумот обезбеди и двоецот на Ferrari, Себастијан Фетел и Кими Раиконен.

Со новата победа, сеуште актуелниот шампион го зголеми водството на врвот од вкупниот пласман во однос на Фетел на 24 поени пред летната пауза.

Хамилтон до 67-от триумф во кариерата стигна без големи проблеми. Стартуваше од позицијата, а лидерската позиција во трката ја немаше само во моментите при посета на боксот поради промена на гуми. Дури и при виртуелното безбедносно возило во два наврати, неговата победа воопшто не беше доведена во прашање.

Најинтересниот дел од трката всушност се случуваше на 20-тина секунди зад неговиот грб во последните неколку кругови од трката. Во моментите кога сеуште актуелниот шампион и лидер во генералниот пласман, Луис Хамилтон, убедливо се движеше кон 67-та победа во кариерата, зад него се случија две хаотични сцена во кои главната, но негативна улога ја имаше неговиот тимски колега, Валтери Ботас.

Финецот од Mercedes го „чуваше“ грбот на Британецот одбивајќи ги нападите на пилотите на Ferrari, Себастијан Фетел и Кими Раиконен, иако беше очигледно дека нема брзината со која би можел да ги запре, па кога единствениот вистински конкурент на Хамилтон во борбата за титулата со фантастичен маневар го помина во 65-от од 70 круга на трката, следеше „жолтата минута“ на Ботас.

Прво едноставно влета во Фетел на шикана, во моменти кога Германецот со речиси цела должина на болидот го помина притоа оштетувајќи ги предните стабилизатори на неговиот Mercedes. Асот на Ferrari овој пат имаше многу среќа, бидејќи задната лева гума чудесно остана неоштетена и без проблеми можеше да ја продолжи трката.

Колку Ботас го забавуваше Фетел можеше да се види и по напредокот кој во финишот го постигна дотогаш четвртиот Раиконен, единствен од водечкиот квартет кој имаше стратегија со две застанувања во боксот. Ледениот Финец имаше нови гуми и чиста писта пред себе во последните 15-20 круга кога Ботас можеби поради наредби од боксот значително го забави темпото, така што беше многу блиску во моментот на судир помеѓу Ботас и Фетел.

Во стилот на „ова не ме интересира“, тој го помина Ботас на безбедна оддалеченост и рутински ја приведе трката до крајот како трето пласиран за осми подиум во 12 трки од сезоната (две втори и шест трети места).

На Ботас со оштетен болид по судирот со Фетел, во последните четири круга му остана да ја брани својата четврта позиција од нападите на Даниел Рикардо во Red Bull. Сепак, Австралијанецот на стартниот правец лесно го помина Финецот, но тогаш Ботас успеа да ги изиритира дури и оние кои беа подготвени да „замижат“ за инцидентот со Фетел. На влезот во првиот свиок Ботас, едноставно го истурка Рикардо од патеката, удирајќи го странично од десната страна. Рикардо иако ја изгуби идеалната патека, се врати и во самиот финиш повторно го престигна Финецот за конечно четврто место во трката.

Ботас по трката е казнет со – 10 секунди на конечното време, но и покрај тоа на крајот остана на петтото место со 23 секунди предност пред Пјер Гасли.

Пласман во бодови остварија и Пјер Гасли (Renault) како шести, Кевин Магнусен (Haas) како седми, Фернандо Алонсо (Mclaren) кој го прослави својот 37-ти роденден како осми, Сајнц Јуниор (Renault) како деветти и десетто пласираниот Ромен Грожан (Haas).

За Хамилтон ова е шеста победа на Хунгароринг откако тоа го направи во 2007 и 2009 година со McLaren, а 2012, 2013, 2016 и 2018 со Mercedes. Втор на листата победници на Хунгароринг е Шумахер со четири триумфи(1994, 1998, 2001 и 2004), и Аиртон Сена (1988, 1991, 1992).

Трката за ГН на Унгарија во Будимпешта на ја завршија тројца возачи: Макс Верстапен од Red Bull, Стофел Вандорн од McLaren и Чарлс Леклерк од Sauber Ferrari.

2018 Hungarian Grand Prix: Резултати

2018 Hungarian Grand Prix: Race Highlights

2018 Hungarian Grand Prix: Изјави по трката

Валтери Ботас

2018 Formula 1: Генерален пласман на возачи

2018 Formula 1: Генерален пласман на конструктори

Следува летната пауза, а следната трка од шампионатот ќе се вози на 26-ти август за ГН на Белгија на патеката Спа Франкошамп.