Наместо класично отклучување ќе биде доволно да се стави прст на сензор поставен на рачката, односно за стартување на моторот ќе биде доволно да се допре посебно копче во кое исто така е вграден сензор за отпечатоци

Последниве години, биометријата целосно го замени класичниот начин на отклучување на паметните телефони со користење на PIN и кодови. Наместо да внесувате четирицифрен број, денес е доволно да се погледне во телефонот или да се стави прстот на сензорот и уредот веднаш ќе се отклучи.

Слична технологија во иднина може да се очекува и во автомобилите, а една од првите компании што почнува да ја спроведува во своите возила е Hyundai. На саемот за автомобили кој се одржа минатата недела во Кина, компанијата објави дека во моделот 2019 SANTA FE отклучувањето и стартувањето на моторот ќе биде овозможено со отпечаток на прст.

Сензорите, се разбира, нема да бидат ограничени само на еден отпечаток од прст, туку ќе помнат повеќе отпечатоци од прсти, што секако е пожелно ако повеќе луѓе во семејството или во компаниите го возат истиот автомобил. Автомобилот во зависност од отпечатокот од прст ќе знае кое лице седи зад воланот и ќе ги прилагоди сите подесувања во автомобилот – од позиција на седиштето и управувачот, температура во возилото што одговара на таа личност …

Првично, опцијата за употреба на биометријата ќе биде достапна само на кинескиот пазар, но веројатно ќе се појави и во автомобилите наменети за други пазари. Кога станува збор за биометријата, односно отклучување на телефоните и автомобилите со допир на прстот, секако се поставува и прашањето за сигурност, односно што би се случило ако некој само го стави прстот на рачката и копчето за стартување и го украде автомобил – од Hyundai велат дека стапката на грешка на нивните сензори е 1: 50.000 , што е иста стапка на грешка како и кај уредите на Apple.