На аукција што ќе се одржи во Париз во февруари 2019 година, ќе се најде ремек-дело на предвоената италијанска автомобилска индустрија

Во времето кога производителите како што се Ferrari и Lamborghini сеуште не биле на сцената, Alfa Romeo бил синоним за елегантни италијански автомобили со високи перформанси, кои будат страст за возење и го одземаат здивот. Еден од нив е Alfa Romeo 8C 2900B Touring Berlinetta од 1939, кој потекнува од периодот Втората светска војна.

Овој модел, првично дизајниран со идеја да учествува во автомобилски трки, се базира на шасија на Alfa Romeo 8C 35 Grand Prix. Производната верзија користи реден 8-цилиндерски 2.9-литарски мотор опремен со два компресори. Верзијата 2900B, за која станува збор, претрпела одредени промени во споредба со оригиналниот 2900, со цел да се направи возилото поудобно и посигурно, но и покрај тоа имала завидни перформанси на патот, со многу впечатлива надворешност.

Примерокот кој ќе се најде на аукцијата во февруари е еден од петте направени во оваа конфигурација, во соработка со италијанскиот производител на каросерии, Touring.

Автомобилот е купен и испорачан во 1939 година на сопственик во Англија. Во таа земја, автомобилот три пати подоцна го сменил сопственикот – последен пат во 1976 година, а сегашниот решил да го понуди за продажба на аукцијата во Париз.

Се проценува дека овој Alfa Romeo 8C 2900B Touring Berlinetta од 1939 година ќе достигне цена од околу 25 милиони долари.