Во салонот има десетици хиперавтомобили, а најскап е Porsche 911 GT1 Strassenversion кој се продава за дури 15 милиони евра.

Ниту една земја не е полна со егзотични суперавтомобили како Обединетите Арапски Емирати, но на ниту едно друго место во Емиратите нема да најдете толку голема концентрација на (пре)скапи егзотични автомобили како во салонот на F1rst Motors лоциран во градот на екстремите, Дубаи.

Можеби досега сте слушнале за оваа компанија, таа неколку пати е претставена по различни автомобилски медиуми како продавач на некои од најскапите автомобили во светот. Американскиот јутјубер Енес Јилмазер сега ни дава можност да видиме како изгледа салонот на оваа компанија, кој е отворен пред седум месеци.

Веќе на влезот на посетителот му е јасно дека пред него се наоѓа нешто посебно. Тука се паркирани многу редок McLaren P1 GTR, McLaren Speedtail и Porsche 911 GT1 Strassenversion, автомобил кој се продава за дури 15 милиони евра. Тоа е и најскапиот автомобил во понудата на салонот.

Но, и другите модели не заостануваат. Тука е и единственото Lamborghini Sian FKP39 во жолта боја и Bugatti Divo, едно од само 40-те во светот. Неговата цена е околу 9 милиони евра. Има и пет Ferrari SF90 Stradale, Porsche 918 Spyder Weissach, Ferrari LaFerrari Aperta, McLaren P1 и Mercedes-Benz SLR Stirling Moss.

F1rst Motors не нуди само хиперавтомобили во својот салон, туку има и значително подостапни суперавтомобили како што се неколку Mercedes-AMG GT Black Series, десетина Lamborghini Urus и Mercedes G-Class, а има и бројни примери на Porsche 911 GT3. McLaren 720S, Lamborghini Aventador, Lamborghini Huracan и Ford GT.