Ова е новиот Mercedes-AMG C 43 4MATIC: повеќе моќ и ефикасност за седан и караван верзијата / ФОТО+ВИДЕО
Прашање е како звучи 4-цилиндерскиот мотор на Mercedes и дали звукот е возбудлив како кај неговите ривали кои сè уште користат мотори со шест цилиндри
На почетокот на овој месец, Mercedes беше првиот во светот кој го претстави 4-цилиндерскиот SL43, луксузен родстер со две седишта опремен со електричен турбо полнач. Истата технологија сега е воведена и во новиот Mercedes-AMG C 43 4Matic во седан и караван верзија, иако C-класата има значително поголема моќност.
Двата автомобили го користат истиот основен мотор M139l, 2.0-литарски во линија со четири цилиндри опремен со 48V технологија, што значи дека и двата автомобили имаат мала хибридна помош во форма на стартер генератор што дава засилување од 14 КС за кратки периоди.
Додека моторот кај SL развива 381 КС при 6.750 вртежи во минута, C43 е способен за 408 КС при ист број вртежи. Во однос на вртежниот момент, C43 при 5000 вртежи во минута произведува 500 Nm, додека Mercedes наведува 480 Nm од 3.250 до 5.000 вртежи во минута за SL.
И двата автомобили ја испраќаат својата моќ преку 9-степен автоматик, но SL користи погон на задните тркала, додека C43 4Matic, како што кажува неговото име, има погон на сите тркала и тоа му помага да забрза од 0 до 100 km/h за 4,6 секунди, што е за три десетинки побрзо од SL43.
И иако е интересно да се спореди C43 со друг нов автомобил на Mercedes со ознака AMG, можеби е поважно да се спореди со неговите главни ривали како BMW M340i xDrive и Audi S4. И двата автомобили се опремени со 3.0-литарски во линија „шестки“ со турбо и погон на сите тркала. BMW развива 374 КС и достигнува 100 km/h за 4,5 секунди, додека Audi S4 развива 354 КС и до 100 km/h стигнува за исто време.
Во споредба со стандардната C-класа, C43 добила предна AMG Panamericana решетка, поагресивен преден браник, AMG прагови и заден дифузер. Тука е и значката Turbo Electrified, а тркалата стандардно се 18-инчни, додека опционални се 19 и 20-инчни.
Внатре, она што C43 го дистанцира од стандардната C-класа се црните AMG седишта обложени со Artico вештачка кожа, микрофибер и црвени шевови кои совршено се вклопуваат со црвените појаси. Тука е и воланот со рамно дно и режими на возење AMG Dynamic Select. Контролната табла е обложена со истите материјали како седиштата, а инфозабавниот систем MBUX доаѓа со некои интересни карактеристики како AMG Track Pace кој го мери времето на круг, брзината, забрзувањето, аголот на управување и сопирањето.
Прашање е како звучи 4-цилиндерскиот мотор на Mercedes и дали звукот е возбудлив како кај неговите ривали кои сè уште користат мотори со шест цилиндри. AMG вели дека прилагодливиот издувен систем може да го промени својот звук во зависност од избраниот режим на возење, брзината на моторот и оптоварувањето на моторот. Но, сопствениците можат да го изберат и AMG Real Performance Sound системот кој ја „фаќа“ бучавата од моторот во издувниот систем и ја насочува кон кабината.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1N8wzsDWhHCnp27jjn10oSGb4L1Oj9hLS” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
Германската марка не ги објави цените, но треба да се очекува скок во однос на неговиот претходник. Првите примероци до новите сопственици ќе стигнат во втората половина на тековната година.