Не само што електричниот мотор придонесува за неверојатни перформанси, ова е најмоќната Серија 7 досега, велат од BMW

Баварците никогаш немале доволно добри аргументи за да на својот луксузен предводник во гамата му дадат сеопфатен третман со значката М како сега. Забрзувајќи од 0 до 100 km/h за само 3,5 секунди благодарение на 660 КС (485 kW) и 1.100 Nm вртежен момент, целосно новиот i7 M70 xDrive може да се пофали со бројки кои се чини дека припаѓаат на „вистински“ модел М, а не на електричен.

И покрај тежината од 2.689 kg, новиот BMW i7 M70 xDrive е најбрзиот и најмоќниот модел во електричната гама на марката. Всушност, тоа не е само најбрзата Серија 7 што се нуди со спринт подобар од моделот M760e xDrive за 0,8 секунди, туку е и побрз од неодамна лансираниот хибриден XM Label Red.

Зголемувањето на моќноста и брзината се припишува на двата електромотори. Предниот мотор ги испорачува истите 259 КС (193 kW) како и i7 xDrive60, но задниот мотор испорачува зголемување од над 50 проценти – од 312 КС (233 kW) до максимална моќност од 490 КС (360 kW).

Благодарение на новиот електричен мотор со удвоен број намотки на статорот, BMW вели дека i7 M70 нема да остане без моќност при поголеми брзини, а единицата може константно да испорачува моќност.

Во Sport режим, ќе добиете комбиниран вртежен момент од 1014 Nm, но достапно е до 1100 Nm кога автомобилот ќе тргне од место со Launch Control. Алтернативно, можете да го отклучите максималниот вртежен момент за кратки забрзувања со функцијата M Sport Boost.

BMW i7 M70 ја користи истата батерија од 101,7 kW како и i7 xDrive60, а прелиминарното тестирање на BMW сугерира опсег од 472 километри, што не е далеку од опсегот од 509 километри кај i7 xDrive60.

Заедно со засилениот погонски систем, усогласени се поставките специфични за М моделите, со адаптибилна воздушна суспензија на две оски со електронски контролирани амортизери и автоматско самонивелирање.

Подобрени се и сопирачките, со сини M-Sport клешти, а ова е првпат пневматиците со високи перформанси да бидат опција кај i7, но само на бандажи од 20 инчи. Во спротивно, ќе ви бидат понудени 21-инчни M тркала од лесна легура.

BMW i7 M70 xDrive во салоните ќе се појави во втората половина од 2023 година, а ќе се произведува во фабриката во Динголфинг во Германија, која исто така произведува електрични мотори и батерии за i7.

BMW вели дека цените ќе бидат објавени подоцна во текот на годината, но речиси гарантирано ќе биде најскапиот модел од Серијата 7 за 2024 година, надминувајќи ја почетната цена на xDrive60 над 100.000 евра.