Ова BMW вози самостојно и на струја. Ова е Vision iNext
Ако сакате да знаете како BMW ја замислува иднината на четири тркала, тогаш погледнете го последниот концепт на баварскиот производител кој комбинира електричен погон и систем за самостојно управување
BMW во 2016 година по повод прославата на стогодишницата од постоењето на компанијата претстави футуристички концепт наречен Vision Next 100.
Со тогашниот избор возилото на иднината да се изгради со каросерија на лимузина, BMW испрати порака дека овој тип на автомобил ќе продолжи да биде основа на гамата на баварскиот производител иако SUV / crossover моделите се повеќе го преземаа пазарот. Vision Next 100 имаше електричен погон и технологија на автопилот, но возачот се уште можеше, ако сака, да ја преземе контролата над автомобилот.
Ситуацијата во последните две години значително не е променета, освен што новиот футуристички концепт наречен Vision iNEXT веќе не е седан туку кросовер. BMW продолжува електричната енергија да ја препознава како „гориво“ на иднината, а технологијата автопилот и понатаму е важен сегмент во возилото.
Дизајнот е повторно нагласено футуристички, со препознатливата, но сепак поинаква „бубрег“ маска која сега има само естетска функција со оглед на тоа дека не постои ладилник. Тука се и изненадувачки предимензионираните 24-инчни тркала.
Маската е врамена со тенка сина лајсна, која како што е обичај со многу производители, нагласува дека станува збор за еко-автомобил на електрична енергија. Во футуристичкиот надворешен дизајн, тенките LED фарови совршено се вклопуваат.
Патничкиот дел е дизајниран како удобен, добро осветлен салон, каде што патниците можат да се релаксираат и да разговараат додека автомобилот самостојно ги вози до саканата дестинација со користење на автоматскиот пилот. Преземањето на командата од компјутерот и понатаму е можност за возачот доколку сака. Екстра светлина во внатрешноста е обезбедена од големиот панорамски стаклен покрив.
Сосема очекувано, на командната табла доминираат два големи екрани.
Кога е активиран режимот Easy, контролите се целосно „во рацете“ на авто-пилотот, а со премин во режим Boost, возачот ја има главната ролја.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
Со оглед дека ова е концептно возило и не преставува најава за одреден производствен модел, туку само груба визија за иднината на BMW, германскиот производител не објавува никакви технички детали за погонскиот систем.
Сепак, Vision iNEXT ќе послужи како инкубатор на идеи и технологии кои ќе се применат на идните електрични, самовозечки BMW модели, кои почнувајќи од 2021 година ќе се произведуваат во фабриката на BMW во Динголфинг.