И покрај тоа што тежи околу 2.700 килограми, Mercedes-AMG G65 нема проблем со брзината, напротив, со 6.0-литарскиот твин-турбо V12 моделот е премногу брз, дури и во рикверц

Токму поради прекумерната брзина во рикверџ, Mercedes ги отповикал сите 20 единици што ги има продадено во САД, бидејќи голема брзина при возење наназад може да доведе до превртување на автомобилот.

Според соопштението на Американската национална администрација за безбедност во сообраќајот, G-класата има погрешен софтвер за ограничувањето на брзината додека се движи во обратна насока, а при ненадејно движење на управувачот кога брзината на возилото е поголема од 25 km/h возилото може да стане нестабилно.

Со цел да се поправи проблемот, производителот ги отповикал сите 20 возила во САД поради ажурирање на споменатиот софтвер.

Mercedes-AMG G65 има моќност од 630 КС и 991 Nm вртежен момент кој овозможува забрзување за 5,1 секунди од 0 до 96 km/h, иако е 400 килограми потежок од новиот G63, а двојно потежок од GLA.

Овој модел е еден од најскапите на пазарот во САД со цена од околу 200.000 долари.