Maлиот Јапонец на средината од животниот циклус на една генерација поминал низ неопходниот рестајлинг со мали визуелни промени и неопходна електрификација

Моделот Suzuki Swift за јапонскиот пазар беше претставен уште пролетта, а сега доаѓа и оној наменет за клиентите на Стариот континент. Кога станува збор за промени во дизајнот, има многу малку. Се рефлектираат во имплементацијата на новата маска на ладилникот, различниот преден браник и променетите светлосни групи на предниот дел од возилото. Тука се и новите фелни.

Отсега, секој Suzuki Swift ќе биде достапен со некаква форма на електрификација. Основната единица која доаѓа со благ хибриден систем е 1,2-литарски атмосферски бензинец со четири цилиндри во линија. Но, дури и со помошта на „благиот“ хибриден систем, овој мотор морал да изгуби 7 КС и 13 Nm за да ги помине најновите Euro6 норми. Возачот сега на располагање има скромни 83 КС и 107 Nm. Ниту перформансите не се особено импресивни, бидејќи вака опремениот Suzuki Swift до стотка стигнува за 12,2 секунди.

Покрај рачниот менувач и погонот на предните тркала, оваа единица е достапна и со CVT менувач и погон на сите тркала.

Во понудата останува и Suzuki Swift Sport, чијашто енергетска единица е спарена со благ 48V хибрид. Сепак, и тука следувале „намалувања“ со цел да прилагодување на новите норми за емисија на штетни гасови, па така сега 1.4-литарскиот бензинец испорачува 129 КС и 235 Nm, 11 КС и 9 Nm помалку од порано. Suzuki Swift Sport е во состојба до 100 km/h да забрза 9,1 секунди, додека крајната брзина е 210 km/h.

Јапонската марка поработила и на внатрешноста од возилото, па така сега има кожен волан и 7-инчен екран за контрола на инфо-забавниот систем, за што од Suzuki тврдат дека сега има побрз одговор на командите. Во Европа, Swift ќе биде опремен стандардно со адаптибилен темпомат, како и со AEB систем.

Првите примероци на освежениот Swift ќе бидат достапни во европските салони до крајот на овој месец.