Освежување за Renault Megane Sedan / ФОТО
По освежувањето на варијантата со пет врати, дојде време за рестилизација и на лимузинска верзија на Megane
Со рестилизирање на седан верзијата, Renault го заврши подмладувањето на семејството Megane, а ажурираниот модел во продажните салони ќе влезе во текот на 2021 година.
Кога станува збор за надворешноста на возилото, промените се минимални и претежно концентрирани на предниот дел. Од Renault посочуваат дека се имплементирани Pure LED фарови, а задржан е и препознатливиот светлосен потпис во форма на буквата „С“. Промена има и кај решетката, како и браникот. Страничниот и задниот поглед не оставаат впечаток за важни новини.
Францускиот бренд наведува дека Megane Sedan сега е достапен и со нова боја – Highland Grey. Покрај тоа, се нудат и нови тркала со дијаметар од 16 до 18 инчи. Се на се, суптилни промени кога станува збор за надворешноста на возилото.
Големите промени се во салонот. Пред возачот е 10,2-инчна дигитална инструмент табла која може да пнуди и навигација. Централната конзола има 9,3-инчен екран на допир. Од Renault наведуваат дека командите за разните безбедносни системи се групирани на воланот, заради полесна контрола на истите. Централното огледало е елегантно напавено, без рамка и нуди заштита од заслепување од јаките фарови на возилата што доаѓаат одзади. Возачот е дефинитивно привилегиран, затоа е достапно и електрично прилагодливо седиште.
Освежениот Megane Sedan доаѓа со низа активни системи за безбедност. Системот AEB е во преден план, потоа адаптивниот темпомат, како и системот за откривање на пречки односно сообраќај при движење наназад. Француската марка наведува дека дополнително работела на опцијата Auto Hold кај рачната сопирачка, заради поголема удобност при возење во град.
Што се однесува до гамата на мотори, доаѓа нова единица. Станува збор за 3-цилиндерски 1.0 TCe кој има 115 КС и е поврзан со 6-брзински мануелен менувач. Тука е суште и 1.3 TCe со 140 КС, каде што клиентот може да избере помеѓу 6-степен мануелен менувач или 7-степен автоматски менувач.
Иако дизелот е се помалку присутен кај Renault, Megane Sedan останува достапен со 1.5-литарски мотор кој испорачува 115 КС. Оваа погонска единица може да се спои и со 6-тстепен мануелен менувач или со 7-степен автоматик.
Иако компактните лимузини скоро и да не се воопшто барани во најбогатите земји во Европа, остатокот од Стариот континент и некои други земји сè уште имаат што да кажат. Меѓу нив секако е и нашата земја.
Од стартот на продажбата во 2016 година, Megane Sedan стигнал до над 200.000 клиенти. Доволна причина да преживее се додека трае сегашната генерација на семејството Megane.