Освежениот Peugeot 508 со ново лице и повеќе технологија / ФОТО+ВИДЕО
Еден од најатрактивните автомобили надвор од луксузниот сегмент е секако Peugeot 508, а овој француски модел со последното ажурирање претрпел промени како во екстериерот така и во ентериерот
Седанот и караванот со средна големина добиле нов логотип на легендарниот лав, решетка и потенки фарови. Овие светла содржат Matrix LED технологија и светлосен потпис во форма на три канџи за дневни светла. Назад се, исто така, освежени целосните LED светла со истиот мотив.
Клиентите ќе можат да избираат и три нови бои, односно Okenite бела, Titanium сива и Eclipse сина, како и три нивоа на опременост, Allure, GT и Peugeot Sport Engineered. Исто така, ќе има неколку нови дизајни на бандажите со големина помеѓу 17 и 20 инчи. Што се однесува до предводникот во гамата, PSE моделот, француската компанија ќе го испорачува со гуми Michelin Pilot Sport 4S.
Внатрешноста на моделите 508 во седан и караванска (SW) верзија добиле подобрена 10-инчна инфозабава и редизајниран осумстепен автоматски менувач. Во зависност од изборот на моторот, постојат неколку режими на возење, вклучувајќи Electric, Eco, Hybrid, Normal, Sport и 4W, како и три поставки за суспензијата, Normal, Sport и Comfort. Зад малиот волан се наоѓа 12-инчен целосно дигитална инструмент табла.
Автомобилот е богато опремен и има сè, од греана шофершајбна и електричен капак на багажникот до систем за ноќно гледање и прилагодлив темпомат со функција Stop & Go. Peugeot има инсталирано и HD камери за помош при паркирање, а автомобилот има и систем за препознавање сообраќајни знаци, како и активен систем за предупредување за напуштање лента во комбинација со корекција. Focal звучниот систем со 10 звучници и сабвуфер обезбедува одличен звук.
Што се однесува до моторот, понудата се отвора со 1.2-литарски 3-цилиндерски турбо бензински мотор со 130 КС. За африканските, блискоисточните и азиските пазари, Peugeot вградува поголем 1.6-литарски 4-цилиндерски мотор со 218 КС. Дополнително, купувачите можат да изберат 1.5-литарски 4-цилиндерски турбодизел мотор кој развива 130 КС.
Во понудата се и две хибридни варијанти кои комбинираат бензински мотори од 150 и 180 КС со електричен мотор од 81 kW, а во тој случај комбинираната моќност е 180 и 225 КС.
Peugeot 508 PSE е придвижуван од комбинација на бензински мотор со 200 КС и електричен мотор од 81 kW, поврзан со автоматски менувач, додека одзади има електромотор од 83 kW. Во комбинација, на двете оски се испорачуваат 360 КС.
Трите plug-in хибриди користат батерија од 12,4 kWh што може да се полни со стандарден 3,7 kW или опционален полнач од 7,4 kW.
Продажбата на обновениот модел 508 започнува ова лето.