Оптимизмот не ги напушта: Tesla и Маск најавија нов компактен автомобил!
Првиот човек на американскиот производител на електрични автомобили објави информација дека компанијата планира уште еден сосема нов, компактен, модел
Иако компанијата Tesla има веќе доволно работи за кои треба да биде загрижена, Илон Маск не го напушта оптимизмот и го прави она што вообичаено го прави. Првиот човек на американскиот производител на електрични автомобили објави информација дека компанијата планира уште еден сосема нов, компактен, модел.
И покрај тоа што компанијата секојдневно „бие битка“ за зголемување на производството на Model 3, Tesla во наредните две до три години планира да започне со производство на веќе најавените Model Y, електрични Semi камион, како и новата генерација на спортското купе Roadster.
За време на говорот одржан на состанокот на акционерите на Tesla, Маск откри дека во гамата ќе биде додаден уште еден нов модел.
„Мислам дека ќе имаме компактен автомобил за помалку од пет години“, вели тој.
Маска не открива дополнителни детали, но се претпоставува дека овој модел пазарно ќе треба да се справи со електричниот I.D. хечбек модел на Volkswagen кој во меѓувреме ќе се појави на пазарот.
Според зборовите на Илон Маск, овој автомобил во гамата би бил позициониран под Model 3, но со оглед дека луѓето од компанијата имаат повеќе од пет години да работат на него, веројатно ќе има многу понапредни батерии и електрични мотори од оние кои се вградуваат во сегашните модели на Tesla.
Меѓу останатото, Маск на акционерите на Tesla им рекол дека производните верзии на електричниот Semi камион и спортскиот Roadster ќе бидат уште поимпресивни споредбено со нивните прототипови.
Ако може да му се верува на Маск, основната или влезна верзија на новиот Roadster од 0-96 km/h ќе забрзува за 1,9 секунди, а моделот со пакет SpaceX ќе биде дури и побрз, додека електричниот камион-шлепер Semi со полна батерија ќе може да помине дури 965 километри.