Германскиот Opel го забележа најголемиот удел на пазарот во Германија од декември 2010 година, а во септември има пазарен удел од 10,2% во сегментот на патнички автомобили што е најдобар резултат на компанијата уште од 2006 година

Од Риселсхајм истакнуваат дека профитот е благодарение на навремената и постојана подготовка на процесот за транзиција кон новиот систем на тестирање WLTP за емисии и потрошувачка, кој започна да се спроведува токму од 1 септември.

Новиот систем е значително пореален во однос на претходниот – NEDC, а за разлика од повеќето конкуренти, Opel новите регулативи ги внесе во рана фаза, а со тоа го избегнува она што им се случува на другите производители – стопирање на производството и суспендирана продажба на некои модели.

Opel во моментов нуди 27 модели на патнички возила кои ги исполнуваат новите строги Euro 6d-Temp стандарди.

„Со години се подготвувавме за овие промени. Можеме да бидеме горди на тоа. Сега ние профитираме од тоа. Што се однесува до расправата за забрана на дизелот во Германските градови, нашата порака е:

„Кој купува Opel, не треба да се плаши од забрана“, вели извршниот директор за продажба и маркетинг Јирген Келер.

Продажбата на Opel пораснала и во други европски земји, така да германскиот производител на автомобили во моментов има речиси 6% удел на пазарот во Шпанија и 4,3% во Франција, што е најдобар резултат на компанијата од мај 2015 година.