Opel повторно е профитабилен бренд
Веќе во првата година под капата на групацијата PSA, Германците се 860 милиони евра во плус
Германскиот производител на автомобили Opel ги објави „историските“ резултати за 2018 година – првата година од деценијата која е профитабилна. Само една година по преминувањето под капата на PSA Peugeot-Citroen, компанијата е во плус, со нето добивка од 859 милиони евра, ако се брои и продажбата на британската филијала Vauxhall.
Така Opel цели две години порано од планираното ја оствари целта – да се излезе од минус. Профитната маргина за оваа година е 4,7% – повисока од онаа на Volkswagen со над половина процент. За споредба, во последната половина од годината, под раководство на General Motors, Германците беа 179 милиони во минус.
Главната причина за овој пресврт, според аналитичарите, е програмата за намалување на трошоците преземена од шефот на PSA, Карлос Таварес. Како дел од неа, Таварес скрати 3.700 работни места во оние германски фабрики на Opel кои не работеа со целосен капацитет, а околу 2000 инженеринг позиции од развојниот центар во Риселсхајм ги префрли во француската сестринска фирма Segula. Дел од работните места во Риселсхајм се и укинати – главно преку доброволни договори и платен надоместок.
Друг значаен придонес на Таварес за профитабилност е суспендирањето на практиката на огромни попусти на цените, истакнува аналитичарот на AN Europe, Кристијан Херцнер.