Buick Regal повеќе не е достапен во САД, но овој модел се уште е присутен во другите делови на светот

Во 2020 година, моделот беше освежен за кинескиот пазар, а рестилизација доживеа и европската верзија под ознаката Opel Insignia. Тоа значи дека ќе остане во продажба уште најмалку три години, но кога ќе замине во пензија, популарната Insignia ќе биде заменета со целосно ново возило.

Новата генерација на перјаницата на Opel нема да пристигне пред 2024 година, но веќе се познати некои детали. Според последните извештаи, Insignia ќе се трансформира во автомобил кој ќе биде нешто помеѓу SUV и моноволумен во однос на конфигурацијата на каросеријата.

Citroen C5 помина низ слична преобразба, а истото се очекува и во случајот со Ford Mondeo. Од таа страна гледано, потегот на Opel е сосема логичен. Новата Insignia треба да обезбеди повеќе простор во внатрешноста на кабината, како и поголем багажен простор, секако со повисока положба за седење.

Новитетот би можел да се заснова на архитектурата eVMP, која ќе ја дели со идните наследници на Peugeot 3008 и 5008. Доколку оваа претпоставка се покаже како точна, тоа би значело дека новата Insignia ќе добие и чисто електрична верзија со различни опции за батерии и опсег помеѓу 402 и 645 километри. Во однос на моќноста, таа треба да биде во опсег од 135 до 335 „коњи“.

Бидејќи ова е темелно ревидирана верзија на платформата EMP2, оваа нова архитектура ќе му овозможи на Opel на своите клиенти да им понуди и мотори со внатрешно согорување. Сепак, тешко е да се очекува чисто традиционален погон, туку комбинација со електрични мотори во рамките на plug-in хибриден систем. Сегашното семејство на турбо бензински и турбодизел мотори ќе биде заменето со нови „благи“ хибридни единици, развиени во соработка со белгиската инженерска фирма Punch Powertrain.

Со оглед на тоа што Opel повеќе не е под капата на GM, не треба да се очекува новата Insignia да сподели нешто со наследникот на Buick Regal.