Веќе повеќе од 20.000 луѓе уплатиле депозит од 2.500 евра за првиот електричен Porsche – моделот Taycan

Базиран на концептот на Mission E, Taycan својата светска премиера ќе ја има во септември, но веќе се преземени неопходните мерки за зголемено производството кое сеуште не е започнато, а со цел да се задоволи побарувачката.

Taycan се придвижува со два електрични мотори кои заедно развиваат повеќе од 600 КС, кои енергијата ја добиваат од батерија која обезбедува автономија од околу 500 километри. Од Porsche тврдат дека е потребно само четири минути полнење на батерискиот пакет за автономија од 100 километри.

Благодарение на големиот вртежен момент, Taycan до стотка забрзува за помалку од 3,5 секунди. Како пример, Porsche Panamera Turbo S E-Hybrid до 100 km/h забрзува за 3,4 секунди.

По лансирањето на Taycan кон крајот на оваа година, Porsche планира уште една попрактична верзија наречена Taycan Cross Turismo. Германскиот гигант овој автомобил го опишува како елегантно CUV (Crossover-utility) возило со должина од 4,95 метри кое ќе има автономија од 500 км и моќност од 600 КС.

Прототипот веќе е тестиран во Калифорнија, а производството се очекува од крајот на следната година, за 2021 година.