Минатата година, продажбата на електрифицирани возила во ЕУ се зголемила за десет пати, а бројот на јавни полначи само два и пол пати

Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) ги повика сите земји-членки на ЕУ итно да ги засилат инвестициите во инфраструктурата за полнење на автомобили, комбиња, камиони и автобуси.

Минатата година, продажбата на електрифицирани возила (електрични и plug-in хибриди) во ЕУ забележа импресивен десеткратен пораст, достигнувајќи 1,7 милиони единици, или 18% од вкупниот пазар на автомобили. Сепак, бројот на јавни полначи се зголемил само за 2,5 пати во истиот период.

Според новата студија заснована на анализа на McKinsey, до 2030 година ќе треба да се инсталираат до 6,8 милиони јавни станици за полнење низ ЕУ за да се постигне предложеното намалување на CO2 од 55% за патничките автомобили. Тоа значи дека секоја недела во Европа ќе треба да се поставуваат 14.000 јавни полначи. Сегашното неделно темпо е 2.000 полначи.

Бројката од 6,8 милиони јавни полначи е речиси двојно поголема од онаа што ја предложи Европската комисија во нејзиниот предлог за Регулативата за инфраструктурата за алтернативни горива, за која во моментов се преговара во Европскиот парламент.