Доколку живеете во Европа и планирате да купите Tesla Model Y оваа година, нема да имате многу избор кога станува збор за бојата, бидејќи овој електричен автомобил ќе биде достапен само во црна или бела боја

Овие две бои на екстериерот се единствените кои се нанесуваат на електричниот кросовер во „гигафабриката“ на Tesla во Берлин.

Клиентите кои ќе го нарачаат Model Y во полна црна или бисерна бела повеќеслојна боја, може да очекуваат нивните возила да бидат испорачани во октомври, што е разумно време за испорака. Сепак, оние кои претпочитаат нивниот Model Y да биде обоен во црвена, сина или сребрена боја, за испорака ќе мора да почекаат најрано до март 2023 година за автомобилот да им биде испорачан од „гигафабриката“ на Tesla во Шангај, Кина.

Tesla Model Y во фабриката во Германија започна да се произведува во март оваа година, но не е јасно дали од почетокот на производството било утврдено дека ќе биде само во двете споменати бои, за другите три да бидат претставени подоцна. Во секој случај, ова е изненадувачки со оглед на она што пред две години го кажа Илон Маск за фарбарата во фабриката во Берлин, кога вети „најнапредна фарбара во светот, со повеќе слоеви на зачудувачки бои кои суптилно се менуваат со закривување“.

Според извори од индустријата цитирани во извештајот на Automobilvoche, во фарбарата од почетокот на производството во март имало повеќе проблеми, но не се наведени никакви детали.

Производството во германската фабрика на Tesla ќе има планирана 12-дневна пауза почнувајќи од оваа недела за да се оптимизира производството за време на летната пауза. Главните цели на ремонтот на фабриката се да се осигура дека каросеријата на автомобилите поминува само 45 секунди на секоја производна станица, наместо сегашните 90 секунди, и премине на работа во три смени. Ова исто така важи и за фарбарата.

Во вториот квартал од оваа година, новите фабрики на Tesla во Тексас и Германија имаат придонес од само околу 6.000 автомобили во вкупното производство на компанијата од 258.580 единици, велат аналитичарите. Годишната цел на производителот на електрични автомобили за Берлин е 500.000 возила, но Маск предупреди дека нема да биде лесно да се постигне таа цел.

Минатиот месец сопственикот на Tesla изјави дека фабриките во Тексас и Берлин „губат милијарди долари“ затоа што немаат производство и имаат огромни работни трошоци.