Официјално: Во F1 календарот додадени Нирбургринг, Портимао и Имола!
По неколку дневните шпекулации за нови трки во F1 календарот за тековната сезона, стигна и официјална потврда – Имола и Нирбургринг се враќаат во календарот, а ќе гледаме и прва трка на патеката Портимао (Алгарве) во Португалија!
На Нирнбургринг ќе се одржи Големата награда на Ајфел, а во Портимао трка за Големата награда на Португалија. На Имола нема да гледаме трка за ГН на Сан Марино туку ГН на Емилија-Ромања, по името на провинцијата каде се наоѓа патеката.
Првата од овие три трки ќе се одржи на 11 октомври на Нирбургринг, потоа на 25 октомври во Портимао, а на 1 ноември во Имола. Она што е специфично за третата трка оваа година во Италија, Гран-при викендот ќе трае само два дена, но сè уште не е разјаснето како точно ќе се одвива.
Она што исто така е официјално потврдено е дека оваа година нема да има трки во Мексико, САД, Канада и Бразил.
„Задоволни сме бидејќи напредуваме кон финализирање на нашите планови за сезоната 2020. Возбудени сме што можеме да кажеме добредојде на патеките Нирбургринг, Портимао и Имола во овој ревидиран календар. Сакаме да им се заблагодариме на промотерите, тимовите и FIA за нивната голема поддршка во нашите напори да обезбедиме возбудлива сезона за нашите фанови и покрај сите проблеми со кои се соочува не само овој спорт. Им се заблагодаруваме на нашите неверојатни партнери од Америка и со нетрпение го очекуваме нивното враќање следната сезона, кога тие повторно ќе можат да воодушеват милиони гледачи ширум светот“, изјави Чејс Кери.
Со овие три додадени трки, календарот сега брои вкупно 13 трки. Трките во Бахреин и Абу Даби се очекува да бидат потврдени наскоро. Со овие три додадени трки и трките на Блискиот исток, календарот треба да има и 15 трки, што е минимален број на трки според договорите со телевизиите.