Гордоста на Хрватска, па и на Балканот, Rimac Automobili конечно ја претстави сериската верзија на концептот C_Two, за кој конечно го знаеме и официјалното име – Nevera, добиено по ненадејната и силна медитеранска бура

Станува збор за хиперавтомобил со две места за седење, кој ќе биде произведен во ограничена серија од само 150 автомобили, во седиштето на компанијата во Хрватска. Цената е „само“ (од) 2 милиони евра.

Хрватскиот модел се карактеризира со четири моќни електромотори кои испорачуваат вкупно 1.914 КС и 2.360 Nm. Со погон на сите четири тркала, Rimac тврди дека Nevera може да забрза од 0 до 60 m/h (96 km/h) за само 1,85 секунди, што го прави автомобил со најдобро забрзување во светот. Ова е вистински предизвик за Tesla, кој најави дека идниот Model S Plaid до стотка ќе забрзува за помалку од две секунди. Nevera до 100 m/h (160 km/h) забрзува за 4,3 секунди, а до 300 km/h за неверојатни 9,3 секунди. Мате Римац вели дека времето е за 2,5 секунди помалку од првично планираното.

Што се однесува до растојанието од една четвртина милја (402 метри), тоа е само 8,6 секунди, што е за 0,8 секунди побрзо од Bugatti Chiron. Номиналната максимална брзина на хрватскиот хиперавтомобил е 412 km/h, а пакетот батерии од 120 kWh обезбедува автономија од 550 километри (според WLTP и со „нежно“ стапало на педалата за гас, како што велат од Rimac).

Батериите на Nevera можат да се полнат во опсег до 500 kW, што е далеку повеќе од кој било друг електричен автомобил што е моментално достапен. Ова значи дека се потребни само 19 минути за полнење на батеријата од 0 до 80 проценти, секако доколку е поврзана со подеднакво моќен DC полнач.

„Тоа е тоа. Ова е автомобилот што го имав на ум кога тргнав во „невозможна мисија“ пред 10 години. Целата напорна работа резултираше со Nevera, нашиот хиперавтомобил кој руши рекорди. Овој автомобил е роден да надминува сè, да ја подигне границата и да ги редефинира стандардите во областа на перформантните автомобили. И не станува збор само за перформанси, туку за целокупниот пакет“, вели основачот и шеф на компанијата, Мате Римац.

Што се однесува до ентериерот, во кабината доминира трилингот TFT-дисплеи со висока резолуција, додека тактилните ротациони контролни единици се изработени од брусен алуминиум, што придонесува за „аналогно“ чувство, како и за намалување на одвлекувањето на вниманието на возачот.

Од Rimac, исто така, велат дека производниот модел е 34% поаеродинамичен и поефикасен од раните прототипови на C_Two склопени во 2018 година. Ладењето на сопирачките и погонскиот систем е подобрено за 30% при ниски и 7% при поголеми брзини, соодветно.

Компанијата вели дека профилот на предната хауба, подвижниот капак на шасијата, задниот дифузер и задното крило можат да се движат независно со помош на сложени алгоритми кои обезбедуваат оптимална аеродинамичка конфигурација во согласност со дадената ситуација при возењето.

Од Rimac тврдат дека Nevera ја користи најголемата поединечна компонента од јаглеродни влакна во целата автомобилска индустрија. Таа го формира покривот, структурата за пакетот батерии и задната конструкција, додека тежи помалку од 200 килограми, вклучувајќи 222 алуминиумски влошки. Ова, според Rimac, придонесува за најкрутата структура со која може да се пофали некој автомобил во историјата.

Бидејќи е компанија за електроника, исто како и производител на автомобили, Rimac е дизајнер и конструктор на батеријата за Nevera со 120 kWh. Наместо да почива во подот, како што е случајот со повеќето електрични автомобили, батеријата е во форма на „Н“ и лежи со еден дел зад кабината, каде што инаку би бил моторот во автомобил со централно поставена единица. Како интегрална компонента, батеријата додава 37 проценти на структурната цврстина на монококот од јаглеродни влакна.

Векторирањето на вртежниот момент помеѓу четирите мотори значи дека возачот може да го прилагоди режимот на испорака на енергија, со акцент на предниот или задниот дел. И покрај неизбежно големата тежина на возилото (2.150 килограми), RImac ветува „контрола на каросеријата за пример, како и ултра-агилно ракување“, благодарение на суспензијата во форма на двојни попречни рамења со електронски контролирани амортизери и прилагодување на активниот клиренс . Режимите на возење вклучуваат Sport, Comfort, Range, Track, Custom и Drift, при што при последниот моќноста се испраќа на задната оска.

Конечно, треба да се спомене дека Rimac развива посебна форма на систем за автономно возење, наречен AI Driver Coach. Со помош на камери и други сензори, овој систем (прв во светот) им помага на возачите на Neverа да ги искористат идеалните патеки на тркачките патеки (меѓу другото). Системот располага со 12 ултразвучни сензори, 13 камери, шест радари и оперативен систем Nvidia Pegasus. Во Rimac велат дека тој систем ја покрива избраната тркачка патека во реално време, обезбедувајќи јасен и прецизен звук и визуелно водство, што им помага на возачите да ги усовршат идеалните патеки, точките на сопирање и забрзување, како и управувачот.

AI Driver Coach ќе стане достапен преку безжично ажурирање на софтверот во текот на 2022 година.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

[useyourdrive dir=”1txBTeFGIzcY1F2JhNYOIvRdpjzKk_o_y” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

Со почетна цена од 2 милиони евра, Nevera е достапна со следниве спецификации: GT, Signature и Timeless, а клиентите можат да си изберат спецификации по желба.

На крајот и збор-два за компанијата Rimac Automobili. Истата е основана во 2009 година, една година откако Мате Римац го заменил погонскиот систем во неговиот BMW М3 од 1984 година со електричен, откако претходно го оштетил моторот. Во тоа време имал само 20 години. Денес, во неговата компанија се вработени 1.000 луѓе, кои произведуваат хиперавтомобили и компоненти за погонскиот систем за Aston Martin, Porsche, Pininfarina, Hyundai, Kia, Koenigsegg, Renault, Cupra и други.

Rimac сега планира да ја прошири фабриката на периферијата на Загреб, инвестиција вредна 200 милиони евра, а каде ќе има простор за 2.500 вработени.