Официјално потврдено: Porsche 911 станува хибрид / ВИДЕО
Моделот 911 нема да биде plug-in хибрид, туку спортски хибрид кој влече корени во мотоспортот
Иако до неодамна тврдеше дека 911 ќе биде последната линија на одбрана од електрификацијата, извршниот директор на Porsche, Оливер Блуме, штотуку го најави падот на таа линија. Во интервју за Automobilwoche, Blume потврдува дека култниот спортски автомобил ќе биде електрифициран.
„911 нема да биде plug-in хибрид, туку многу спортски хибрид кој влече корени во мотоспортот. Засега не можам да потврдам кога тоа ќе се случи“, вели Блуме.
Таа изјава предизвика лавина реакции и бројни шпекулации.
Моделот 911 би можел да ја сподели технологијата со прототипот за трките на издржливост Porsche LMDh кој доаѓа во 2023 година, а бидејќи германската марка учествува во Formula Е, не е исклучено хибридниот 911 да земе дел од технологијата од тоа натпреварување.
Хибридниот 911 е „фатен“ неколку пати на патеката на Нирбургринг, но без седиште во задниот дел, веројатно за да се ослободи просторот за батеријата. Се шпекулира дека овој модел е вооружен со 700 КС.
Да потсетиме, Блуме во март оваа година изјави дека „концептот 911 не дозволува целосно електричен автомобил бидејќи има мотор одзади. Ако ја ставите тежината на батеријата во задниот дел, нема да можете да го возите автомобилот“.
Во првите три квартали од годината, Porsche има продадено околу 28.000 примероци од моделот 911, што е зголемување за десет отсто во однос на минатата година. Во истиот период продадени се 28.640 примероци од целосно електричниот Taycan.