Официјално: Одложени F1 трките во Бахреин и Виетнам!
По Австралија, поради глобалната епидемија на коронавирус одложени се и трките за ГН на Бахреин и Виетнам
ГН на Бахреин требаше да се одржи од 20 до 22 март, а ГН на Виетнам од 3 до 5 април. Од Formula 1 и FIA велат дека ќе бидат во близок контакт со промоторите на трките во Бахреин и Виетнам за заеднички да ја следат ситуацијата и да ги разгледуваат алтернативните датуми за трки.
Со оглед на ситуацијата на глобално ниво, од FIA очекуваат дека отворањето на сезоната 2020 може да биде дури кон крајот на мај, кога станува збор за Европа. За загрижувачката состојба, со изјава излегоа претседателот на Formula 1, Чеjс Кери и претседателот на FIA, Жан Тод.
„Глобалната состојба со коронавирусот е многу тешко да се предвиди и потребно е да одвоиме време да ја разгледаме ситуацијата за да донесеме правилни одлуки. Ја донесовме оваа одлука во консултација со нашите промотори за да ја обезбедиме безбедноста на сите оние што се вклучени во Formula 1 и на нашите навивачи“, вели Чејс Кери.
„Прво ги заштитуваме луѓето. Bahrein Motor Federation, Vietnamese Motorsports Association и локалните промотори, заедно со Formula 1, ги одложија ГП трките во Бахреин и Виетнам. И понатаму се потпираме на советите на Светската здравствена организација (СЗО) и владите и ќе работиме со нив во овој непредвидлив период за да ги заштитиме фановите, натпреварувачите и целата автомобилска заедница“, вели Жан Тод.