По одложувањето или откажувањето на првите седум трки од Светскиот шампионат во Formula 1 за 2020 година, поради пандемијата на коронавирус, одложена е и трката за ГН на Азербејџан во Баку

Почетокот на новата сезона во Formula 1 повторно се одложи. Имаше надеж дека Светскиот шампионат може да започне на 7 јуни во главниот град на Азербејџан, но организаторите вчера објавија дека трката е одложена.

Со оглед дека нема индикации за смирување на кризата предизвикана од коронавирусот, промотерите на трките во Баку заклучиле дека нема смисла да се форсира одржување на трката на почетокот од јуни. Ова е улична трка, работите околу подготовка на патеката треба да започнат наскоро, а неизвесноста околу ширењето на вирусот ширум светот сеуште е голема.

Големата награда на Австралија најверојатно нема да се одржи оваа година, трката во Монте Карло дефинитивно е откажана, а Бахреин, Виетнам, Кина, Шпанија и Холандија сè уште имаат статус на одложени трки. Организаторите на ГН на Азербејџан, исто така, се надеваат на нов датум за одржување на трката во вториот дел од годината.

„По долга дискусија со Formula 1 и FIA, решивме да ја одложиме трката за ГН на Азербејџан. Ова е резултат на глобалната пандемија COVID-19 и препораките на експертите и во консултација со надлежните органи. Прво и најважно е безбедноста на граѓаните на Баку, членовите на тимовите, судиите покрај патеката и сите навивачи кои би дошле на трката. Разочарани сме од исходот и продолжуваме да работиме со FIA и F1 за да ја организираме трката на крајот од годината. Сите продадени билети досега продолжуваат да важат за новиот датум на трката“, се вели во официјалното соопштение на организаторот на трката во Баку.