Со оваа Одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 8,51%, во однос на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија од 04.05.2020 година

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V), се зголемуваат за 3,50 денари/литар, во однос на малопродажните цени утврдени со Одлуката од 04.05.2020 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 54,00 ден/лит, малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 56,00 ден/лит, додека малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 45,50 ден/лит.

Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемува за 2,50 денари/литар, во однос на малопродажната цена утврдена со Одлуката од 04.05.2020 година и со тоа малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ1), изнесува 33,50 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 2,026 ден/кг во однос на цената утврдена со Одлуката од 04.05.2020 година и со тоа малопродажната цена на мазутот М-1 НС
изнесува 18,169 ден/кг.

Во образложението на РКЕ на што се должи зголемувањето на цените на горивата стои:

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со изминатиот седумдневен период бележат зголемување кај бензинот во просек за околу 47,58% или за 73,800 $/тон, кај дизелот зголемување во просек за околу 41,13% или за 64,250 $/тон, кај екстра лесното масло зголемување во просек за околу 38,69% или за 53,900 $/тон и кај мазутот зголемување во просек за околу 24,73% или за околу 30,250 $/тон, поради што во структурата на цените на нафтените деривати е извршено соодветно прилагодување.

Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот седумдневен период изнесуваше 56,8513 ден/$ и е за околу 0,025% понизок од курсот на доларот (56,8655 ден/$) по кој беа формирани цените со претходната пресметка.