Само неколку дена откако во Германија беше донесена пресудата со која градовите во оваа земја може сами да одлучуваат дали ќе ги забранат дизел моторите, градоначалникот на Рим најави дека од 2024 година, возењето со автомобили на дизел погон во „Вечниот град“ ќе биде забрането

Вирџинија Раџи, градоначалникот на Рим, веста ја објави на својата фејсбук-страница, каде што пишува дека „Рим одлучи да го забрани возењето на приватни дизел возила низ центарот на градот кој има големо историско и културно значење“. Оваа одлука таа ја соопштила и на втората годишна конференција Women4Climate која се одржа во Мексико Сити.

Одлука во голема мера ќе влијае на судбината на дизел агрегатите, бидејќи Италија е една од земјите во кои токму возилата со дизел погон се најпродавани. Имено, две третини од вкупниот број на продадени возила (1,8 милиони евра) минатата година се со дизел агрегат.

Одлуката е донесена со цел да се намали загадувањето на воздухот во Рим, а кој главно доаѓа од сообраќајот. Градските власти на Рим и во минатото повремено го имаат забранувано возењето во одредени делови на градот, кога загадувањето на воздухот достигнувало критично ниво.

Покрај тоа што воздухот треба да биде поквалитетен, според градската управа, од забраната ќе има уште една корист, а тоа е дека, според проценките, познатите историски и културни споменици во градот поспоро ќе пропаѓаат.

Според проценките, во Рим во моментов под закана се 3.600 камени споменици и 60 бронзени скулптури, а се поради загадувањето на воздухот. На пример, фасадата на базиликата Свети Петар има голем број на дамки кои се случиле токму поради загадувањето на воздухот.