Од 2024 година, електричните модели на Mercedes ќе бидат достапни со соларни панели на покривот
Германската марка потврди дека ќе постави соларни панели во покривот на електричните возила со цел надополнување на батеријата со помош на соларна енергија
Брендот од Штутгарт наведува дека со соларните панели е можно секојдневно зголемување на автономијата на движење за максимални 25 километри. Вака собраната енергија се испраќа во засебни батерии (од литиум, железо и фосфат) и од таму се напојува клима уредот, инфозабавниот систем, како и светлата во кабинскиот простор.
Ова ја ослободува главната батерија чија примарна цел е снабдување со енергија за придвижување на тркалата. Техничкиот директор на Mercedes, Маркус Шефер потврдува дека Mercedes заедно со своите партнери ги подобрува ваквите соларни панели кои наскоро треба да се понудат на сериските автомобили.
„Веројатно во 2024 година ќе може да се купи Mercedes со соларен покрив“, вели Маркус Шефер.
Неколку нови технолошки откритија претставени од германскиот бренд на Vision EQXX треба да го најдат патот до сериско производство. Ова е случај со батеријата од 900 V која има ист капацитет од 100 kWh како онаа во, на пример, моделот EQS 450+. Сепак, батеријата на концептот е 50% помала, а има и 30% помала тежина!
Што се однесува до соларните панели на покривот, за таква опција веќе подолго време се зборува кај електричните возила, бидејќи на нив се гледа како на одличен начин за зголемување на опсегот на возилата. Hyundai веќе ја нуди оваа опција со електричниот Ioniq 5. Овде соларните панели можат да додадат скромни 5-6 km досег на дневна основа. Hyundai наведува дека доколку ова електрично возило се вози на сончеви места, како на пример крајбрежните земји, може да се смета до 2.000 km годишно обезбедени со помош на овој соларен покрив.