Oбјавени сите детали за новите Dacia Sandero и Logan / ФОТО+ВИДЕО
По неодамнешното претставување на новата генерација на Sandero и Logan низ фотографии, романскиот бренд сега објави и целосни информации за новитетите
Имплементираната технологија во новите модели на Dacia е огромен чекор напред. Како прво, тука е транзицијата кон далеку помодерна платформа CMF, која ја користи и Renault Clio. Потоа, тука се бројните системи за кои се веруваше дека се недостижни за Dacia – AEB, LED светла, предупредување за слепите точки, сензори за паркирање напред и назад, камера за возење во рикверц, помош при поаѓање на нагорнина…
Кога станува збор за моторната гама, интересно, популарниот 1.5 dCi не е веќе во понуда! Ова е само последица на сè построгите правила во врска со емисијата на штетни гасови на ниво на флота, па за да се избегнат потенцијалните драконски казни, Dacia е принудена да се откаже од дизел погонската единица.
Ова значи дека Sandero и Logan ќе бидат достапни исклучиво со 3-цилиндерски бензински мотори. Базниот мотор е атмосферски 1.0-литарски блок со 65 КС и 5-степен мануелен менувач. Оваа единица ќе биде достапна само за Sandero и Logan, но не и за Sandero Stepway.
Следниот во низата е 0.9-литарскиот TCe со 90 КС, чија моќност се пренесува на предните тркала преку 6-степен мануелен менувач или CVT. Во понудата е и TCe 100 ECO-G, односно мотор кој може да користи и LPG покрај бензин. Овој погонски апарат е спарен со 6-степен мануелен менувач, a опсегот на движење (кај Sandero) е повеќе од 1.300 км.
За сите единици е достапен и системот Start & Stop.
Доследно со нискобуџетната филозофија, раководните лица во Dacia одлучиле да понудат едноставен инфо-забавен систем за основните модели, кој може да се контролира со поврзување на паметен телефон.
Подобро опремените верзии можат да се пофалат со стандарден инфо-забавен систем кој се контролира преку екран на допир (дијагонала од 8 инчи). Како стандард доаѓа Bluetooth врската, како и USB-приклучоци. Промени има и на инструмент таблата па така помеѓу двата аналогни „круга“, простор нашол и дигитален дисплеј од 3,5 инчи.
Технолошкиот чекор напред се огледува и во бесконтактното отклучување на возилото, загревање на предните седишта, автоматската климатизација, електронска сопирачка за паркирање, кај новиот Sandero и електронски контролиран сончев кров…
Романскиот производител наведува дека новините ќе продолжат да бидат семејно ориентирани автомобили, што го покажуваат и податоците поврзани со волуменот на багажниот простор. Sandero – 328 литри, Logan – дури 528 литри, голема бројка дури и за сегменти повисоки од класата на Logan.
Sandero Stepway продолжува да флертува со SUV сегментот со вообичаените карактеристики за овој тип автомобили. Треба да се напомене дека растојанието на земјата кај овој модел е 17,4 сm, што е за 4,1 сm повеќе од стандардниот Sandero.
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1v__fibMtXLCHMMfpn8OZUZMI_Bwbl4tN” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
Цените за новините не се објавени, но од романската компанија ветуваат дека и понатаму ќе бидат најпристапни возила во сегментот!