Ново искуство за Скопјани: електричен автобус по улиците на главниот град
Автобусот ќе сообраќа на линијата 15 или Карпош 4-Ново Лисиче и обратно
Електричниот автобус кој во тестниот период од шест месеци ќе сообраќа на оваа линија е резултат на договорот помеѓу Град Скопје и компанијата Chariot Motors, а потпишан од градоначалникот Петре Шилегов и генералниот директор на компанијата, Милен Милев на 16 февруари оваа година. Целта на овој проект е да се види ефектот врз животната средина и заштедата на средства, со цел планирање на понатамошна модернизација на градскиот сообраќај.
Според Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, ова е одлична можност која ќе го збогати Градот со ново искуство, кое ќе може да се користи во реализација на зацртаната стратегија и идеи на ова поле во блиска иднина.
„Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење и има нулта емисија на штетни гасови“, истакна Шилегов на промоцијата на електричниот автобус.
Градоначалникот Шилегов притоа нагласи дека за оваа година е предвиден буџет за субвенции за набавка на еко-автобуси во висина од 100 милиони денари и 20 милиони денари за приватните превозници, а со поробното возење на овој и двата автобуси на гас кои веќе сообраќаат на линиите 5 и 2, Градот ќе може да направи проценка за тоа кое би било подобро решение за јавниот градски превоз.
Она што секако е важно за непречено користење на електричниот автобус е потребната инфраструктура која веќе е поставена, а вклучува станици за полнење на истиот, на крајните постојки во Ново Лисиче и Карпош 4. Целиот проект е реализиран со помош на ЕВН Македонија. По истекот на пробниот период овој електричен автобус ќе биде понуден за продажба на ЈСП и приватните превозници.